Со низа на забавни настани Тиквешијата се подготвува да го одбележи празникот Свети Трифун на 14-ти февруари (среда), посветен на винарите и лозарите.
Општина Демир Капија ја објави програмата уште пред десеттина дена. Покрај традиционалното закројување на винова лоза, кое секоја година се случува во присуство на високи државни функционери, најавени се натпревари во закројување, натпревари за најдобра домашна ракија и вино, како и базар на традиционални производи.
Како главни музички ѕвезди ќе настапат Ѓоко Ѓорчев, Катерина Танева и Сашо Ѓорѓиев од „Нели ти реков“.
Во Кавадарци пак, програмата започнува уште на 12-ти февруари со изложба и поетско читање. Наредниот ден исто така се најавени културни настани, а на централниот настан на 14-ти февруари, покрај закројувањето ќе има и настап на рок групата „Журнал“. Базарот на вино и ракија ќе се одржи на 15-ти февруари на градскиот плоштад.
И во Неготино ќе се одбележува Свети Трифун, а програмата ќе започне на 12-ти февруари, со дегустација на вино и ракија. На централниот настан, на 14-ти февруари, на плоштадот ќе бидат поставени штандови, ќе се одржи закројувањето, а музички настап ќе имаат Мишко Крстевски, Ексклузив Бенд, Дуо Фортисимо, Ориентал Бенд и Харизма Бенд.
На 17-ти февруари пак, во Долни Дисан ќе се одржи настанот Треил – трка за вино и љубов.
Годинава за првпат и во Велес ќе се одбележи празникот на лозарите, со настан во Младински парк. Најавено е гостување на музички бендови, дегустација на вино и храна, а официјалната програма ќе била објавена деновиве.
И додека општините се подготвуваат да го слават заштитникот на лозарите, лозарите се во исчекување на новиот закон за вино, кој треба да биде донесен до април. Со него ќе се утврдува производната цена на грозјето најдоцна до 15-ти јули, за најмалку две најзастапени сорти на грозје.
Најавена е и посебна програма за поголема поддршка на лозарите, а законот се подготвувал во консултација со земјоделци, винарии, научна јавност и земјоделски здруженија.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопснаство, Љупчо Николовски на средба со лозарите во Кавадарци пред неколку дена, ги информираше дека новиот закон за вино, подготвен од министерството, веќе е во собраниска процедура и очекувале негово донесување до 4-ти април оваа година.
Со новиот закон лозарите очекуваат позитивни промени во лозарството, бидејќи изминативе години голем број на лозари ги ископачија лозјата, или пак го продадоа земјиштето на фирми кои ќе градат фотоволтаични централи за производство на електирична енегрија од сончеви зраци, затоа што не се задоволни од откупните цени на родот.
Стандардно, со години наназад редовни се протестите на лозарите, и тоа во ек на берба, бидејќи откупните цени ги чекаат до последен момент, односно им се соопштуваат кога веќе грозјето е стасано за берење и немаат друг излез, освен да го предадат по цените кои ги диктираат винариите.
Вики Клинчарова