Четири министерства го прекршуваат Законот за употреба на јазиците со своите веб-страници

by fokus 15:14
15:14

Од вкупно 16 министерства, четири имаат еднојазична веб-страницата, што е спротивно на Законот за употреба на јазиците. Законот предвидува дека секое министерство задолжително треба да има веб-страница и содржини на македонски јазик, како и на јазикот и писмото кои ги користат најмалку 20 отсто од граѓаните, односно албанскиот јазик и неговото писмо.

Член 6, точка 4 од Законот за употреба на јазиците гласи:

- Advertisements -

„Веб страниците на институциите од член 1 од овој закон и содржината на веб страниците покрај на македонскиот јазик и неговото писмо, задолжително се објавуваат и на јазикот различен од македонскиот јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.“

Министерства кои ја прекршуваат оваа точка од Законот се:

Министерството за труд и социјална политика: нема албанска верзија на сајтот

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците: нема македонска верзија на сајтот, стои дека македонската верзија е во изработка

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство: нема албанска верзија, односно кога ќе се кликне на опцијата не ја отвора.

Министерството за транспорт и врски: албанската верзија е нефункционална, односно вестите на албански јазик во најголем дел не може да се отворат.

 

Од Владата не одговараат дали некој ќе преземе одговорост за ова прекршување на Законот за употреба на јазиците. Велат дека сите веб-страници кои се еднојазични се во фаза на редизајн.

-Веб-страниците на министерствата за кои прашувате се во фаза на редизајн. Деновиве се пуштени со работна верзија. Процесот на изработка привршува и наредните денови треба да бидат функционални на три јазици- македонски, албански и англиски, тврдат од Владата.

Исто така, нема одговор зошто прво се пушта едната јазична верзија, а не двете јазични верзии истовремено.

Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости