Пишува
Александар ТОРТЕВСКИ
Во предметот познат во јавноста како „Ликвидација“ (во кој покрај новинарот Томислав Кежаровски) беа обвинети еден поранешен судија на Врховниот суд, еден обвинител, еден судија и двајца адвокати. Поранешниот судија само го имаше прашано адвокатот дали би се вклучил во предметот „Ореше“, па беше обвинет дека како поранешен судија на Врховниот суд преку адвокатот влијаел обвинителот да преземе незаконско дејствие.
Гревот на едниот од адвокатите беше што по телефон го прашал обвинителот дали има простор за негово вклучување во тој кривичен предмет, при што одговорот беше „другарче, не влегувај во тој предмет“ (снимен разговор со ПИМ мерка), по што адвокатот воопшто и не се вклучил во предметот.
Истиот обвинител беше обвинет и осуден затоа што во друг предмет наводно влијаел врз негова колешка, која веќе имаше поднесено барање за притвор против еден човек. Притворот веќе бил одреден, а обвинителот испратил порака на колешката (инаку во ист ранг со него) во која напишал „мораше ли да одиш со најстрогата мерка кога на располагање имаш и други“.
СРАМНО ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Колешката обвинител пораката ја имаше сочувано 4 години и во даден момент кога требаше одредени лица да бидат „ликвидирани“ го пријави нејзиниот колега. Сите тројца „окапаа“ во притвор, кој им го одреди истото одделение за организиран криминал, кое деновиве се „прослави“ со тоа што одбива да им ги земе пасошите на луѓе обвинети за огромни злоупотреби, луѓе кои ни ја зедоа слободата, кои ни влегоа во спалните соби и надвор однесоа огромни суми пари.
Ова веќе не се двојни стандарди на судството, ова е веќе отворена и очигледна спрега меѓу јавното обвинителство и судот во одбрана на криминалот. Ова во целост го потврдува и експресното отфрлање на кривичната пријава поднесена од страна на судијата Иван Џолев против претседателот на судот, Владимир Панчевски.
Да се отфрли ваква сериозна кривична пријава без да се сослуша пријавителот, со образложение дека тој не се јавил на поканите, е најблаго кажано срамно образложение, особено што првата покана му била дадена на рака на осомничениот претседател на судот тој да му ја врачи на оштетениот, по што нормално била вратена на испраќачот. А другите две биле од денес за утре, што е противзаконски, бидејќи секоја покана мора да има нормален рок од 8 дена за да може лицето нормално да се организира со работните и со другите обврски.
Сосема нормално и очекувано, ОЈО експресно го повика на распит судијата Иван Џолев по повод пријавата за „Лажно пријавување“, која против него ја поднесе Владимир Панчевски, иако одлуката за отфрлање на пријавата на Џолев не е правосилна и таа може да се обжалува, што секако го прави преурането земањето во работа на пријавата поднесена од страна на Панчевски против Џолев.
ПРИМЕНА НА ЗАКОНИТЕ ЗАВИСНО НАРЕДБАТА ОД „ГОРЕ“
Погоре опишаните примери само уште еднаш на дело покажуваат до кој степен е урнисан правниот систем во државава со секојдневно различна примена на законите, во зависност од тоа кој е обвинет и каква наредба ќе падне од „горе“.
Ако во „Ликвидација“, поранешен судија беше осуден затоа што прашал адвокат дали би се вклучил во предметот, а адвокатот го „окрка“ затоа што го прашал обвинителот дали има простор за негов ангажман во предметот, тогаш човек не може да се начуди како ОЈО експресно ја отфрла пријавата на Џолев. Особено што е поткрепена со писмен доказ, во кој јасно од страна на претседателот му се укажува дека повторно треба да ги повика оштетените и да им земе исказ со кој нема да предјават штета и нема да се приклучат кон кривичниот прогон. А оштетените веќе биле сослушани и дале исказ со кој предјавиле штета и се приклучиле кон кривичниот прогон.
Е, според Зврлевски, ова не било противзаконско влијание, туку било законско укажување насочено кон ажурирање на предметот. Какво, бре, ажурирање, каква експедитивност? Па, оштетените веќе биле сослушани и нивното повторно сослушување е однапред договорено со цел предметот да се отстапи на Косово, што никако не е сторено од хуманизам, туку мириса на „чешмиче или гранапче“.
Навистина е тажно што една институција каква што е Јавното обвинителство, која би морало да биде столб на правната држава и правораздавањето, е доведена на ниво да служи за покривање криминал и да биде предмет на потсмев на сите што малку имаат чувство за правда и правичност.