Чешкиот претседателски кандидат Андреј Бабиш добил заканувачко писмо: Во пликот имало куршум и порака со навреди

by Fokus

Претседателскиот кандидат и лидер на најсилната чешка опозициска партија АНО Андреј Бабиш денеска на вонредна прес-конференција соопшти дека на 19 јануари добил писмо во кое имало куршум и закани упатени до неговата сопруга Моника.

„Телохранителите ми предадоа писмо кое беше наменето за мојата сопруга Моника. Во пликот имаше куршум и анонимна порака полна со навреди“, рече Бабиш.

Бабиш се заблагодари на полицијата за брзата реакција и додаде дека е покрената истрага за овие закани, пренесува порталот iDNES.cz.

Претседателскиот кандидат и пензиониран генерал на НАТО Петр Павел, кој ќе се бори со Бабиш за освојување на гласовите на гласачите во вториот круг од претседателските избори во Чешка кои ќе се одржат на 27 и 28 јануари, го осуди инцидентот, но не ја пропушти можноста да го критикува својот противник.
„Ги осудувам говорот на омраза и заканите упатени до Андреј Бабиш“, напиша Павел на Твитер додавајќи дека атмосферата е тензична пред се поради „анти-кампањата водена од Бабиш“.

Павел го повика Бабиш „да ги симне билбордите кои им се закануваат на луѓето со војна“ и да започне „цивилизирана кампања“.

Веднаш по објавувањето на резултатите од првиот круг од претседателските избори, одржан на 13 и 14 јануари, Бабиш го спореди Павел, кој постигна блага предност во првиот круг, со претседателот на Русија, Владимир Путин.

Поврзани новости