Ќерката на екс директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, Зорица Чавкова на својот Фејсбук профил го објави писмото кое сопругата на Чавков, Јасмина Чавкова го испратила до Обвинителството на 15.12.2017 година, а во кое известува дека живеат на адреса во населба Лисиче, а не на адресата која е наведена во личните документи, односно во стан во општина Центар.
„За адресата на татко ми се известени на 15.12.2017 година. И сега што правиме? Спин е дека е тепач, дека се степал во затворот па го преместиле во Шутка. Спин е дека самоволно одредил каде ќе ја извршува мерката домашен притвор. Спин е дека доживеал инфаркт и сликан е во Шутка. На добар пат сте да ми го уништите семејството“, пишува Чавкова на Фејсбук.
Чавков, кој е еден од обвинетите за крвавите настани во Собранието на 27 април беше пуштен во домашен притвор, но според претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, откако не бил најден на адресата на која требало да ја одлежи казната домашен притвор, тој е вратен во истражниот затвор Скопје во Шуто Оризари.