Министер за внатрешни работи, Митко Чавков, веднаш откако се врати на функција, денеска ги додели новите 400 договори за вработување на полициски службеници.
Чавков ги отфрли обвинувањата на поранешниот министер Оливер Спасовски дека некои од кандидатите кои денеска добија договор за работа имале кривични досиеја и рече дека тие информации не се точни.
– Ако биле точни, мојот претходник можел да иницира постапка за да го прекине договорот за обука. За кој било поединец нема утврдено безбедносен ризик за да неможе да биде припадник на полицијата – рече Чавков.
Спасовски пак, и вчера потенцираше дека има спорни кандидати кои безбедносно се неподобни, а како што тврдеше има и некои со спорни досиеја. Токму тоа е причината поради која тој тврдеше дека не сака да ги потпиша договорите за вработување.
Објаснувањата на Спасовски беа дека УБК пред две години при деталната проверка на кандидатите за полицајци, кои конкурирале на огласот од октомври 2014 година, утврдила дека постојат спорни имиња. За овој скандал во МВР Спасовски тврдеше дека знаел поранешниот полициски врв во кој беше и министерот Чавков, но како што рече се држело во тајност.