Реакција на Тамара Чаусидис, претседател на ССНМ(Синдикат на новинари и медиумски работници) по повод предлозите на владејачката партија во рамки на работните групи за спроведување на Договорот од Пржино, а коишто предлози се однесуваат на реформите во медиумите
Предлозите, вклучително и предлог Законот за владини реклами, претставуваат брутална потврда на односот на власта кон медиумската сфера како кон партиски плен кој треба да се дели според изборните резултати. Жално е што медиумските организации и новинарската заедница се ставаат воопшто во ситуација да имаат мислење за предлози кои според својата накарадна логика и апсурдност воопшто и не се кфалификуваат за нив да се има мислење. Но, оваа ситуација не е нова, веќе со години се расправаме со луѓе кои се ставени во позиција да креираат политики кои во нормални услови би биле предмет на потсмев и индигнација.
Но, за жал, во длабоко политизирано општество бомбардирано со сите средства на перење на мозок сме доведени во ситуација да расправаме за ординардни глупости и да ги третираме сериозно. Поделбата на јавниот сервис според партиска припадност, назначување уредници по партиска линија е исто како да предложите операциите на хирургија да ги извршуваат еден лекар од СДСМ и еден од ВМРО. Ви звучи апурдно? Па почекајте како сме тргнале во анестезирање на разумната мисла и до таму ќе дојдеме.
Она што мене страшно ме загрижува не се толку предлозите, туку упорноста и осиленоста на тој мал, дефектен ум кој сакајќи да ги оправда своите постулати измислува се повеќе и повеќе регулативи кои камен на камен не оставија од новинарството, јавниот интерес и слободата. Па погледнете го само предлог Законот за владини реклами. Просто сочуствувам со тие службеници кои седеле со месеци, смислувале формули, решенија, членови само и само за да го озаконат она што веќе во пракса се случуваше – претворање на медиумите во пропагандни таблоа на власта . Па се пишувале формули, па се одредувале критериуми, па се смислувале дефиниции. А зад сето тоа стои само едно – бетонирање на постојната состојба на начин кој нема да дозволи промени. Истото што го имавме и досега, ама сега и со закон пропишано.
Се загушивме од закони, правила, преговори, додека во редакциите се деградираат или отпуштаат професионалци, се убива секаков интегритет на новинарите кои веќе стануваат малцинство во своите работни средини. Важно закони (ќе) имаме.