Витошевиќ: Загрижена сум за театарот во кој Бато Димитров избира претстави

by Фокус 09:58
09:58

Братислав Димитров вели дека премиерот загрижен и се јавил на министерката за култура да ја праша дали директорот Братислав своите одлуки за годинешната програма за 2016-та на Театарот за деца и младинци ја направил заради политички реваншизам, на што тој одговорил дека не е така, туку дека тој ги одбил претставите за младинската сцена заради естетски причини или нееднаквост од секаков вид? Значи самиот тој има високи етички и естетски критериуми, па според тоа човекот оценил дека режисери од калибарот на Милчин не можат да донесат квалитет на младинската сцена, зашто, како прво, таквите престави се антимладински и како второ, немаат врска со ниедна младина зашто нели Бато е нашиот експерт за македонската, па и за светската младина.

Затоа како врвен експерт за младинската сцена тој одлучил дека „Мачорот во чизми“ ќе биде младинска престава, иако ние другите живееме во заблуда дека тоа е приказна за деца и дека тој ќе ги отфрли сите проекти на режисери кои покажуваат склоности кон мрачната естетика. Исто така се прашувам како може да изјавува дека режисерите сами канеле публика за нивните престави? Колку што се разбирам тоа е негова работа, он е тој кој што е должен да обезбеди публика за тие престави.

- Advertisements -

Јас исто како и премиерот многу се загрижив околу оваа полемика, но уште повеќе се загрижив кога ги прочитав одобрените проекти за годинашната програма поддржани од Министерството за култура. Па убаво од Братислав што ме поттикна да ја споделам мојата загриженост со министерката. Еве некои точки:

Загрижена сум што во водечките театри во државата странските режисери не тепаат со дебела разлика. Во МНТ, театарот на народот македонски, убедлива победа на странските режисери со 5:1, како и во релевантниот битолски театар со 3:2 за странците на наш терен. Да не ги споменувам разликите во буџетите кои ги добиваат странците во споредба со нас.

Потоа, нема ништо спорно ни во тоа што режисери од младата генерација на ФДУ (подразбира три класи) имаат добиено вкупно пет проекти, ниту пак дека студентите од ЕСРА на Дејан Пројковски (две класи, завршени или незавршени, тоа никогаш не знаеме) скоро сите се згрижени со по еден или со по два проекти, или осум вкупно? До квалитетот ли е, до што ли е?!

Секако, не спорно ни тоа дека Братислав Димитров се реши да ја укине младинската сцена во Театарот за деца и младинци, па после да не ја укине, и тоа без никаков слух за желбите на колективот кој всушност треба да игра во тие престави.

Исто така, едно од прашањата што мене лично најмногу ме засега и интересира е како тоа во одобрените проекти за независна и алтернативна продукција има еден куп проекти на режисери за кои јавноста нема слушнато или едвај ги познава, а на пример Театарот на навигаторот Цветко со „небитните“ проекти на Унко, Ацо, мојот и на Лука е одбиен за сите четири понудени предлози. Се загрижив затоа што јас сум живеела во заблуда дека некои имиња и нечии дела се битни за театарската култура во државава.

И понатаму останувам загрижена за иднината на македонскиот театар и молам некој, кој може, да ја пренесе мојата загриженост кај надлежните за култура.

(Јавна реакција на режисерката Нела Витошевиќ)

Поврзани новости