Против поранешниот градоначалник на Велес, Славчо Чадиев, и против поранешниот претседател на општинскиот Совет, Александар Колев, е поднесено обвинение за злоупотреба на службената положба. Обвинението го поднесе велешкото Основно јавно обвинителство до Основниот суд во Велес.
„Имено, првиот обвинет, како службено лице – градоначалник на општината, со искористување на својата службена положба и овластување, за вториот обвинет прибавил имотна корист од поголема вредност. Спротивно на одредбите од Правилникот за користење и одржување на службените моторни возила и на Наредбата за користење и одржување на службените моторни возила, тој со усно одобрение допуштил тогашниот претседател на Советот во периодот од 23.02.2014 година до 09.08.2016 година, во повеќе наврати, да користи две службени моторни возила за лични приватни потреби, без реверс за нивно користење и без притоа да достави пополнет евидентен лист за патувањето.
Вториот обвинет, пак, како одговорно лице – претседател на општинскиот Совет, без поднесено писмено барање, возилата ги управувал самостојно и со искористување на својата службена положба и овластување за себе прибавил имотна корист од поголема вредност. Тој во повеќе наврати вршел и набавка на гориво за двете возила во количина од 2.880 литри и во вредност од 170.598,00 денари, за кои била извршена исплата од сметката на оштетената општина Велес по доставени фактури изготвени врз основа на испратници своерачно потпишани од обвинетиот“, соопштија од обвинителството.