Бужаровска: Скандалозно е Карпош да бира мисица во време на фемициди

by irena 12:57
12:57

Писателката и професорка Румена Бужаровска ја критикуваше одлуката на Општина Карпош и градоначалникот Стевчо Јакимовски за организирање избор за „Мис Карпош“ како завршница на јубилејот 50 години од постоењето на општината. Таа оцени дека ваквата манифестација е недозволива во период кога јавноста протестира против фемицидите и насилството врз жените.

„Вчера во Скопје се одржа голем протест против фемицидите и системските пропусти што овозоможуваат да сме трети во Европа по убиени жени поради семејно насилство. Во Карпош годинава трагично животите ги изгубија Ивана и Катја, по што општината реши да го одложи панелот ‘Семејно насилство – од закон до пракса’ што требаше да се одржи на 9 март. И никогаш не го презакажа. Но затоа, предлага избор на Мис Карпош“ пишува Бужаровска.

Таа потенцира дека е скандалозно општината, во вакво ужасно време за жените, кои се половина нејзини жители, во време на протести, гнев и тага поради изгубените животи, да организира манифестација која во преден план го става оценувањето на младото женско тело и жените ги сведува на објекти чија убавина и привлечност треба да се оценува.

„Жителите на Карпош заслужуваат достојна прослава за педесеттиот јубилеј на општината и жителките од оваа општина не заслужуваат да бидат потценувани и изложувани на манифестација што се заснова на оценувањето на нивната атрактивност“ пишува Бужаровска.

Таа додава дека општина Карпош брои многу знаменити живи, починати, млади и возрасни уметници, музичари, писатели, глумци и режисери и дека програмата може достојно да ја прикаже нивната значајност.

„На крај, Градоначалникот да не се сомнева дека нашиот оправдан бес нема да му ја расипе манифестацијата, доколку таа навистина се одржи. Многу сме, гневни сме, и доста ни е“ предупредува Бужаровска.

Слични вести