Европската Унија е загрижена, политичката криза во Македонија да не прерасне во меѓуетничка. Германската влада денеска ги извести членовите на Комисијата за европски прашања на Бундестагот за состојбата во Македонија. Оценето е дека ситуацијата е тешка и дека е неопходно посредништво за излез од проблемите.
Според изворите на МИА, меѓу членовите на Комисијата, едногласно е заклучено дека има потреба Македонија да добие функционална влада во најскоро време не само за надминување на политичката криза туку и за да не се нарушува економската состојба.
-Македонија не е доволно силна економски да си дозволи подолг период да нема целосно функционални владини институции – оценуваат пратениците.
Голем дел од членовите на Комисијата се согласни дека поради сложеноста на состојбите потребна е помош од надвор, но не со цел да се изврши притисок на некоја од политичките партии туку за да се помогне во процесот на медијација, сите фактори да дојдат на заедничка маса и при тоа да се почитуваат резултатите од изборите.
Помеѓу пратениците се развила дебата за виновникот за кризата во земјава. Левичарските партии, пред се, Социјалдемократите и „Левицата“ како главен виновник за кризата ја посочиле партијата ВМРО-ДПМНЕ, додека десничарските партии застанале во одбрана.