Размислувам, веќе се разговара за тоа во партијата. Чаир е многу важна општина за ДУИ и Фронтот, меѓутоа сега сум во фаза на слушање на граѓаните, на соседите, на луѓето од маало, дали би влегле во еден таков потфат – вели потпретседателот на ДУИ и поранешен министер, Бујар Османи, во гостување на емисијата „360 степени“ на МРТ 1, прашан дали ќе се кандидира за градоначалник на Општината Чаир на претстојните локални избори.
Османи вели дека постојат анкети кои се прават во моментов и оти тие се добри за него, што значи дека граѓаните даваат поддршка за еден таков заеднички потфат, но дека нему лично му е важно да седне лице в лице со нив и да види дали би влегле во широка коалиција за Чаир, бидејќи овие локални избори имаат повеќе импликации отколку само општинските прашања.
„Чаир е место кое, за жал, имплодира и е заложник на една лоша политика повеќе од пет мандати, но доколку се донесе таква одлука, сакам да биде заедничка. Доколку граѓаните на Чаир и јас сметам дека од тоа нешто може да се направи подобро, тогаш би размислувал во тој правец, но во оваа фаза оставаме да видиме и не можам да кажам дали ќе бидам официјално кандидат или не“, рече Османи.
Во однос на тоа дали е можно во октомври да се случи соочување помеѓу Бујар Османи и Изет Меџити и што ќе значи тоа за Чаир, тој вели дека станува збор за иста политика без разлика дали ќе се кандидира Висар Ганиу (актуелниот градоначалник) или Изет Меџити и дека Чаир станало место во кое не може да се живее нормално.
На новинарска забелешка дека партијата на Османи не може да се амнестира од оваа состојба оти до 2022 г. Меџити и Ганиу беа дел од ДУИ, тој одговори оти политичката одговорност има име и презиме на раководителите на општината.
извор: 360степени