Бугарскиот професор Дичев: Спорот за македонскиот јазик е смешен

by fokus

Бугарскиот професор Ивајло Дичев во интервју за Дојче веле ја коментира новата драма во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија по ставот на Бугарската академија на науките.

-Тоа е една од симболичните војни кои сакаме да ги водиме затоа што немаме сериозна политика. Јазичната норма е условеност поврзана со појавата на националните држави. Во еден момент нашата држава избрала една јазична норма, ние ја почитуваме и ја нарекуваме наш јазик. Пред тоа имало најразлични дијалекти. Нормата е секогаш нешто што политички обединува одреден народ и одредена држава кога таа сака да се етаблира. Северна Македонија ја избра својата јазична норма. Оттука натаму тој спор дали денешниот македонски јазик е развиен од бугарскиот јазик е малку смешен.
Тоа е академски спор, кој треба да го водат лингвисти- како се развил јазикот, од кога постои, какви се дијалектите.
БАН е остаток од едно време кога тоа беше основна тема на нашата наука- македонскиот јазик, кирилицата, старобугарскиот…  Едни страшно идеологизирани теми, од кои требаше да црпиме национална самодоверба. Постојат теми во бугарскиот идентитет кои се многу натоварени со емоции. Зошто Северна Македонија е толку поважна за нас од северна Добруџа, на пример? Одново територија која сме ја имале во некој период, а потоа сме ја загубиле, како и беломорска Тракија. Но државата Северна Македонија за нас е огромна драма. Таа тема стана многу важна уште околу Првата светска војна. Софија била полна со бегалци од Македонија кои биле многу активни во политичкиот живот. Македонскиот фактор бил многу важен во нашата политика и ја направил таа тема многу болна. Ова, во коешто сега учествува Академијата на науките ги засилува тензиите меѓу нас и Северна Македонија. Но кому му служат овие тензии? На Москва, можеби на Грција, на Србија, но не и нам, смета Дичев.

Поврзани новости