Бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Милков денеска по посетата на претепаниот секретар на здружението „Цар Борис“ во Охрид кој беше пренесен во софиската болница, рече дека претепаниот бил момче со кауза и „настрадал поради своите идеи“.
-Ние кажуваме НЕ за заживување на овие црни традиции кои историски се поврзуваат со Македонија – на палење, пукање, стрелање, насилство врз луѓе. Вакви работи немаат место во Европа. Бугарија нема да отстапи од заштитата на правата на нашата заедница, кои се луѓе со достоинство. Има ескалација, Христијан во моментов продолжува да добива закани на интернет, што се грди зборови, изјави шефот на бугарската дипломатија.
Додека ја даваше оваа изјава полна со говор на омраза и со афирмација на идеите и каузата кои ги промовираат бугарските здруженија во Македонија дека граѓаните на Македонија се неосвестени Бугари, до него стоеше македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи.