Османи во Софија: Кој ќе го негира македонскиот народ среде Скопје, тоа ќе му биде последно доаѓање

by fokus

Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи денеска заедно со неговиот бугарски колега го посети претепаниот македонски граѓанин Х.П. кој беше пренесен на лекување во софиската болница.

По посетата, Османи го осуди нападот на, како што рече, нашиот сограѓанин, и нагласи дека таквиот чин на насилство не ги одразува вредностите на граѓаните Македонија и на нашето мултиетничко општество.

-Мора ние да го прекинеме овој циклус на провокации и насилство од двете страни и да ја наметнеме нашата агенда која еве двете влади се обидуваме макотрпно да ја изградиме. Значи бугарската заедница е, и ќе биде почитувана заедница во Македонија, ќе ги имаат сите права и привилегии како и секој друг граѓанин од заедниците и секој Македонец, Бугарин, Албанец, Србин…ќе живеат слободно, рече Османи.

Тој упати и порака дека треба да престанат навредите и негирањето на македонскиот народ од страна на бугарски политичари кои доаѓаат во Македонија.

-Но исто така, сакам да упатам и порака дека провокациите кон другите заедници (прво ние нема да дозволиме негирање на  бугарската заедница во Македонија, како што нема да дозволиме негирање и на македонскиот народ.  Затоа сакам да упатам порака дека и тие провокации треба да престанат и да укажам дека секое доаѓање во Република Северна Македонија со цел навреди кон македонскиот народ, негирање на македонскиот народ, ќе мораме сериозно да го адресираме и тоа да биде последно доаѓање во Македонија. Значи двете прашања подеднакво мора да ги третираме, рече Османи.

 

 

Поврзани новости