Бугарија протера 70 руски дипломати

by fokus

Министерството за надворешни работи на Бугарија денеска објави дека побарало од Русија да ги повлече своите 70 дипломати до 3 јули, со цел да се намали нивната амбасада во Софија според бројот на вработени во бугарската во Москва.

„Првата причина е реципроцитет. Второ, поради активностите на руските функционери кои одговорните бугарски власти ги прогласија за некомпатибилни со Виенската конвенција за дипломатски односи“, се вели во соопштението на бугарското Министерство.

Во март Бугарија прогласи за непожелни прво двајца руски дипломати, обвинувајќи ги за шпионажа, а потоа уште десетмина, бидејќи, според бугарското министерство, тие биле ангажирани во активности што не се во согласност со нивниот дипломатски статус.

Овој потег, кој го најавија министерството и премиерот во заминување, е најголемиот егзодус на руски дипломати од Софија до сега и ќе ја преполови руската амбасада. На крајот на април во таа институција имало 114 вработени.

„Денеска протеравме 70 руски дипломати. Многумина од нив работеа директно за разузнавачките служби, а нивната дипломатска улога беше повеќе како маскирање“, рече Кирил Петков, чија влада ја загуби поддршката во парламентот минатата недела.

Поврзани новости