Раскол во Алијанса за Албанците: Како Таравари го надигра Села?

„Фокус“ уште лани во септември објави дека Алијанса предизборно ќе се крши кој пат ќе го фати, при што јавно го поставивме прашањето дали е можно разидување меѓу Таравари и Села? Неколку месеци подоцна, АА се скрши на 2 дела. Следува битка за партискиот печат.

by Фокус

Расколот во Алијанса за Албанците стана главна политичка тема, која во јавноста целосно го засени и изборот Талат Џафери за премиер, што ДУИ преку силна медиумска кампања триумфалистички го промовираше како настан од историска важност за Албанците. Но, наместо кон првиот премиер-Албанец, очите на јавноста веќе целосно се свртени кон превирањата во АА и судирот меѓу актуелниот и поранешниот партиски лидер – Арбен Таравари и Зијадин Села.

„Фокус“ уште во јуни ланската година напиша дека Алијанса ќе биде на тест пред двојните избори, кога „треба да се судрат аргументите дали партијата треба предизборно да соработува со ДУИ или пак треба да стане дел еден албански опозициски блок“. Во септември истата година, пак, објавивме дека АА предизборно ќе се крши кој пат ќе го фати, при што јавно го поставивме прашањето дали е можно разидување меѓу Таравари и Села?

Алијанса предизборно ќе се крши кој пат да го фати, можно ли е разидување меѓу Села и Таравари?

Неколку месеци подоцна се покажа дека времето ги потврди нашите информации, имајќи во предвид дека партијата практично се скрши на 2 дела. Имено, тоа се случи откако партискиот лидер Таравари одлучи јавно да ја објави позиција дека се залага за обединување со албанската опозиција. Притоа, побара поддршка од партиските структури за соработка со веќе обединетите Беса, Алтернатива и ДД на Биљал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити.

Од друга страна, пак, поранешниот лидер Села, кој моментално е претседател на Централното собрание, реагираше дека Таравари постапил кукавички со тоа што одлучи да се обрати до членството, функционерите и јавноста преку социјалните мрежи. Според него, тој требало во партиските органи да ја брани тезата за соработка со албанската опозиција и да претстави детали од преговорите и понудата, бидејќи последна одлука на партиското Централно претседателство е за самостоен изборен настап.

Меѓутоа, самостојниот настап никогаш не бил конечна одлука која произлегува од мнозинската волја во партијата, туку само преодно компромисно решение, со цел барем привремено да се амортизираат внатрепартиските разлики. Всушност, реалноста е дека Таравари и неговите приврзаници имаат чиста антиДУИ позиција, што ги туркаше кон соработка со албанската опозиција, додека Села и неговото крило беа за продолжување на соработката со Али Ахмети во форма на предизборна коалиција меѓу АА и ДУИ.

Каде е коренот на проблемот меѓу Таравари и Села, кои од блиски соработници станаа лути ривали? Уште по неуспехот на локалните избори, Села размислуваше да се повлече од лидерската позиција, при што како прв кандидат за негов наследник автоматски се наметнуваше Таравари, кој долго време беше генерален секретар на партијата, а воедно успеа 2 пати да победи на локалните избори, правејќи од Гостивар бастион на Алијанса. Од друга страна, пак, Села почна да губи во родната Струга.

Сепак, Села одлучи да остане на челната позиција во АА, меѓутоа така беше до предвремените локални избори за нов општински Совет во Тетово. Овие избори се претворија во битка меѓу ДУИ и Беса, бидејќи Касами веќе беше избран за градоначалник, па Алијанса и другите албански партии имаа улога на обични статисти. Општо познато е дека пред изборите имало преговори за заеднички настап на Алијанса и Беса, но двете страни не постигнаа договор, што се покажа како голема грешка на АА.

(ИНТЕРВЈУ) Таравари: Ахмети не е непобедлив, не можев да ги седнам на иста маса Гаши и Касами!

После катастрофалниот резултат во Тетово, Села се повлече од лидерската позиција, а негов наследник стана Таравари. Арно ама, познавачите велат дека повлекувањето на Села имало и друга калкулација, бидејќи Алијанса набргу потоа стана дел од владата на СДСМ и ДУИ, откако претходно преговорите ги отпочна актуелниот генерален секретар на АА и министер за правда Кренар Лога, близок соработник на Села. Додека Лога водеше тајни преговори, Таравари во јавност мораше да го правда заедничкото владеење за „повисоки цени“ (евроинтеграциите) со ДУИ, која дотогаш ја посочуваа како најкорумпирана партија.

Човек на Села, соработник на Таравари и офицер за врска со Ахмети: Кој е Кренар Лога – иден министер за правда?

И по влезот на АА во Владата, Таравари продолжи со критиките кон ДУИ дека се носители на партизацијата на институциите. Но, со оглед дека беше лидер на партија на власт, во која патем силна група околу двоцот Села-Лога се залагаа за почитување на партнерството со ДУИ, со можост да се развие во предизборна соработка, Таравари почна да говори дека Алијанса треба да настапи самостојно на изборите. Како се наближуваа изборите, пак, тој наратив почна да го прифаќа и Села, соочен со реалноста дека Таравари нема да прифати пакт со ДУИ, а истовремено најголем дел од членството е антиДУИ расположено.

При такво тактичко надмудрување и игра на нерви, прв потег одлучи да повлече Таравари, откако на фејсбук напиша статус дека ќе соработува со албанската опозиција, бидејќи народот бил за промени. Кон тоа претходеа низа консултации на лидерот на АА со политичките лидери од разни спектари, вклучително и албанските опозициски лидери, со посредство на косовскиот премиер Албин Курти. Но, за разлика од Касами, Гаши и Меџити, Таравари постојано ги релативизираше овие средби, нарекувајќи ги „ништо посебно“.

Лидерите на албанската опозиција разговарале со Курти за „потребата за промени во албанскиот блок“

Паралелно со тоа, тој редовно имаше средби и со Ахмети, а последно и со премиерот Џафери, од каде излегоа информации дека добил солидна понуда за предизборна соработка, што би значело 8 сигурни пратеници за АА, колкушто впрочем партијата има и сега. Исто така, тој се сретна и со довчерашниот премиер и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски. Како што е познато, од оваа средба беше лиферувано соопштение дека двајцата соговорници разговарале за европската иднина на земјава.

Веднаш после оваа средба со Ковачевски на која бил реафирмиран ставот дека европската иднина нема алтернатива, по средбата со Ахмети и Џафери каде Алијанса добила квалитетна понуда за изборна соработка, како и по средбите со албанската опозиција кои редовно ги релативизираше, Таравари изненадувачки објави став за соработка со албанската опозиција. Дури, претходно имал средба и со Села, на која му рекол дека за неколку дена ќе свика седница на Централното претседателство. Наместо тоа, одлучи да објави фејсбук статус. Зошто?

Едноставно, Таравари ја прочита намерата на неговите сопартијци од, условно кажано, другиот табор, дека ако инсистира на ставот против коалиција со ДУИ, тогаш ќе мора да ја предводи партијата при самостоен изборен настап. Но, Таравари смета дека така партијата ќе заврши исто како на изборите во Тетово, бидејќи ќе се загуби во битката меѓу ДУИ и албанската опозиција. А, после изборен неуспех неминовно ќе почнат барања за негова одговорност, бидејќи, нели, ако Села се повлекол после пораз во Тетово, тогаш и Таравари ќе треба да се повлече после генерален партиски пораз.

ДУИ спрема лов на 25 пратеници со АА, албанската опозиција го врбува Таравари за претседателски кандидат!

Меѓутоа, наместо Таравари да прави компромис за самостоен настап и свесно да влезе во сценарио што носи изборен пораз, после кој како губитник ќе мора да му отстапи позиција на Лога или некој друг, тој одлучи да го следи својот став и да се сврти кон албанската опозиција, со што партијата ја внесе во раскол. Сега, сите карти се отворени и се знае кој на која страна е. Односно, јасно е пратениците и министрите како се поделија, но има различни тврдења околу тоа на чија страна се членовите на Централното собрание, бидејќи секој тврди дека го има мнозинството.

Она што следува, е судска борба за партискиот печат. Во меѓувреме, Села и останатите ќе бидат на мака како сега да ја сменат одлуката за самостоен настап во предизборна соработка со ДУИ, што е нивна посакувана но камуфлирана цел уште во старт. За разлика од нив, Таравари веќе го одбра својот пат за соработка со албанската опозиција, со цел да се порази ДУИ и да се прати во опозиција. Дури, тој изрази и амбициозен план за неколку години неговата Алијанса да биде посилна од ДУИ, а тој да стане главен политички фактор во државата.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости