Човек на Села, соработник на Таравари и офицер за врска со Ахмети: Кој е Кренар Лога – иден министер за правда?

Порано му беше шеф на кабинет на Зијадин Села во Струга, неодамна му стана генсек на Арбен Таравари во Алијанса, а во следниот период ќе го предводи ресорот што неговата партија го бараше за да покаже резултат во борбата против криминалот и корупцијата и владеење на правото.

by Фокус

Премиерот Димитар Ковачевски го достави предлогот за избор на нови владини министри до Собранието, врз основа на политичкиот договор постигнат со Алијанса за Албанците на Арбен Таравари.

Во замена на 8-те пратеници на Алијанса, кои во иднина ќе го поддржуваат парламентарното мнозинство, партијата доби 3 министерски места, неколку заменички министерски функции и многу директорски позиции.

Еден од министерските ресори што ги добива АА е правда, кој досега го предводеше универзитетскиот професор Никола Тупанчевски, едно од ретките непартиски решенија во актуелната владејачка гарнитура.

На негово место треба да дојде Кренар Лога од АА, член на Државната изборна комисија како кадар на Алијанса, кој неодамна стана генерален секретар на партијата за време на последните внатрепартиски промени.

Идниот министер за правда важи за близок човек на првиот и веќе поранешен партиски лидер Зијадин Села, кој по поразот на локалните избори во Тетово одлучи да се повлече и лидерската позиција да му ја препушти на Таравари.

Од официјалната биографија на Лога, што самиот ја доставил до ДИК, и која Ковачевски ја депонирал до пратениците, јасно се гледаат неговите блиски релации Села.

Па така, кога Села е избран за градоначалник на Струга на локалните избори во 2013 година, Лога му станал шеф на кабинет и советник за правни работи, а од 2014 до 2017 година бил и секретар на општината.

Она што е интересно, на локалните избори во 2017 година Села губи од неговиот противкандидат од ДУИ Рамиз Мерко, а АА ја напушти тогашната влада на Зоран Заев, но Лога останува во Општина Струга како раководител на Секторот за правни прашања.

Тој на оваа позиција се задржува во 2019 година, кога заминува во Државното правобранителство на чело со Фехми Стафа како раководител на Секторот за човечки ресурси, каде останува во 2021 година.

Во меѓувреме, односно во периодот 2020-2021 година, тој раководи со партискиот институт „Арбен Џафери“ во рамки на Алијанса за Албанците.

Претходно, тој раководел и со правниот сектор во Општина Тетово, кога градоначалник е кадар на ДПА. Тоа е период пред конфликтот меѓу Мендух Тачи и Зијадин Села, по кој Села започна внатрепартиска иницијатива за реформи во ДПА, која финишираше со формирање на нова партија.

Во времето кога ДПА стана дел од владата од ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски од 2006 до 2008 година, пак, Лога бил заменик-директор на Управата за финансиска полиција.

Инаку, тој дипломирал право и магистрирал дипломатија на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, каде одреден период бил и демонстратор, е воедно има стекнато и правосуден испит.

Како што неодамна пишуваше „Фокус“, кога се отвори темата за можно проширување на парламентарното мнозинство со Алијанса, токму Лога ги направил првичните контакти со раководството на ДУИ на чело со Али Ахмети.

Имено, Ахмети имаше потреба од АА, бидејќи со нејзина помош го намалува влијанието на „огнената група“ предводена од Изет Меџити, која контролира тројца пратеници, што беше особено значајно во ситуација кога парламентарното мнозинство се потпираше на 64 пратеници.

После тајните средби на Лога со Ахмети, како што е познато, започнаа и јавни средби меѓу Таварави и премиерот Ковачевски, кои на крајот резултираа со официјална соработка во рамки на владејачката коалиција, која не ја прифаќаат „огнените“ и која, патем речено, ја туркаат Алтернатива на Африм Гаши надвор од Владата.

Уште кога почна да се насетува дека Алијанса го менува курсот, вклучително и со нивниот став да обезбедуваат кворум во собранието, претставници на партијата го таргетираа ресорот правда, бидејќи, како што велеа, тој е битно за реализирање на нивната програма во делот на борба против криминалот и коруцпијата, како и за владеење на правото.

Во следниот период, главен експонент во таа декларирана борба на Алијанса ќе биде Кренар Лога, кој ќе мора да покаже резултат како дел од иста влада со ДУИ, која токму неговите сопартијци ја означија како извор на корупција.

Инаку, опозијата истакна дека братот на Лога е осомничен за убиството на Дилавер Бојку познат како Леку, осудуван за проституција и други кривични дела, кој беше ликвидиран пред неговиот локал на струшка плажа, но ова злосторство се уште не е расветлено.

Влатко Стојановски

Поврзани новости