БРЗИНАТА – КЛУЧЕН ФАКТОР НА РИЗИК ЗА БЕЗБЕДНОСТА НА СООБРАЌАЈОТ

by fokus

Брзината е идентификувана како клучен фактор на ризик за безбедноста во патниот сообраќај, кој влијае и на ризикот од сообраќајни незгоди, како и на сериозноста на повредите кои се резултат на сообраќајни незгоди. Неприлагодената брзина на условите на патот предизвикува особен ризик од сообраќајни инциденти кои неретко завршуваат со трагичен крај. Во денешниот технолошки напредок, кога возилата имаат поголема моќност и брзина на движење, сè повеќе се става акцент на регулирањето на брзината во и надвор од населени места.

Брзината предизвикува грешки кои тешко може да се отстранат доколку возилото се движи брзо. При голема брзина тешко може да се избегне пречка на патот, а се намалува и навременото запирање на возилото.

Статистиката вели дека брзото возење и понатаму останува доминантна причина за предизвикување на сообраќајни незгоди со фатални последици. Кога е во прашање брзото возење воглавно постојат три групи на возачи и тоа:

• возачи кои целосно и безусловно ги почитуваат правилата за ограничување на брзината,

• возачи кои понекогаш ги пречекоруваат правилата за ограничување на брзината или тоа го прават во рамки на отстапувања кои според нивно лично мислење се прифатливи и

• возачи кои често ги пречекоруваат правилата за ограничување на брзината.

Науката и статистиката покажуваат дека сопирачкиот пат на возило кое се движи со брзина од 50 км/ч е 26 метри, додека сопирачкиот пат на возило со брзина од 60 км/ч е 34 метри. Разликата од 10 км/ч е всушност разлика помеѓу живот и смрт. Токму тоа беше и причината најголемата дозволена брзина во населено место во изминатите години да се намали од 60 км/ч на 50 км/ч.

Брзината од 10 км на час над дозволената го зголемува растојанието на сопирање на возилото во просек за 10 метри, што може да биде фатално, особено во населени места. Затоа е важно да се намали просечната брзина во населени места и на регионалните патишта со цел да се подобри безбедноста во сообраќајот. Според резултати од странски истражувања, со намалување на просечната брзина за само 1 км на час, бројот на сообраќајни незгоди во населено место би се намалил за 4 проценти, а бројот на сообраќајни незгоди надвор од населено место би се намалил за 2 проценти.

Фактот дека побавното возење е побезбедено се потврдува и со фактот дека веројатноста за смртност на пешаците при удар на возило кое се движи со брзина од 50 км на час е 85 проценти, додека веројатноста пешак да загине при удар на возило кое се движи со брзина од 30 км на час е помалку од 10 проценти.

Контролирањето на брзината на возилото може да го спречи случувањето на сообраќајни незгоди, а кога тие ќе се случат може да ги намали нивните последици, притоа намалувајќи ја сериозноста на повредите кај жртвите.

РСБСП со апел: Брзото возење убива и изнудува грешки кои најчесто завршуваат фатално. Затоа, намали ја брзината пред да биде доцна. Биди одговорен возач и почитувај ги правилата за ограничување на брзината.

ПР текст

Поврзани новости