Брнс: Преспанскиот договор не е само името, туку и креирање можности за луѓето

by fokus

Кога се зборува за ревидирање на Преспанскиот договор граѓаните треба да размислат и да ја знаат користа од Договорот, рече американската амбасадорка Кејт Мери Бернс.

– Преспанскиот договор не е само името, туку и креирање можности за луѓето од земјата и од регионот. Значењето на Преспанскиот договор е што препозна дека земјите мора да соработуваат една со друга и да прават тешки компромиси и оти како резултат на тие компромиси може да градат подобра иднина. Она што ме загрижува околу обидите да се доведат во заблуда луѓето за влијанието на Преспанскиот договор за тоа што значи за земјата е тоа што се ризикува да се изгуби трансформативната моќ на Преспа и користа од Договорот кој создава нови можности, ја проширува регионалната соработка, носи странски инвестиции и креира позитивна иднина, така што кога слушам како се зборува за поништување или ревизија на Преспанскиот договор граѓаните треба да размислат и да ја знаат за користа од Договорот – рече амбасадорката Брнс на новинарско прашање по обраќањето на настанот со кој се најавува отворање на билатерални канцеларии за младинска соработка помеѓу нашата земја и Грција.

Запрашана кои се консеквенците по земјата и нејзината евроатлантска интеграција ако се остварат овие најави за ревизија на Преспанскиот договор, Брнс рече дека тоа значи непрепознавање на придобивките што ги донесе Договорот.

– Резултатот од Преспа е дека испрати порака дека Северна Македонија е подготвена да има позитивна и конструктивна соработка со своите соседи и заедно со нив да работи на своите аспирации за членство во евроатлантските институции. Северна Македонија ќе се приклучи на НАТО како рамноправен сојузник и оти еден ден ќе стане членка на ЕУ и партнер на ЕУ. Тоа е важна порака, и консеквенците кога се зборува дека не сакате да ги препознаете сите постигнувања на Преспанскиот договор кои значат напредок, праќаат многу поинаква порака. Зборуваме за иднината и треба да останеме фокусирани на иднината – порача амбасадорката Брнс.

Поврзани новости