Брнабиќ: Никогаш не сакавме да направиме етнички чиста држава

by fokus

Менувањето на границите врз основа на етнички принцип е лажна вест, тоа не е точно, ние никогаш не сакавме да направиме етнички чиста држава, изјави српската премиерка, Ана Брнабиќ, на денешната заедничка прес конфренција со премиерот, Зоран Заев, во Владата на Македонија.

Брнабиќ рече дека етничката диверзификација е богатство на Србија.

-Република Србија е земја со најголем број национални малцинства и горда сум на тоа. Имаме 26 национални малцинства и употреба на 15 јазици. Од 90-тите несреќни години на минатиот век излеговме со најголем број на малцинства, имаме други држави кои се малку или повеќе етнички почисти, ние се обидуваме да го направиме спротивното. Имаме историска можност за помирување меѓу Србите и Албанците, таа историска можност нема повторно да ја имаме ни за децении ако сега ја пропуштиме и ќе резултира со одлив на се повеќе млади лица, кои не гледаат иднина тука. Лесно е да се добиваат популитистички поени, секој политичар тоа знае да го прави, но не е вистинскиот начин. Порката на денешниот ден е соработка, а не бариера, визија и иднина а не минато – рече Брнабиќ додавајќи дека е време за историско помирување.

На средбата со премиерот, Зоран Заев, рече таа, било разговарано и за отвореното прашање за Косово и Метохија.

-Тоа е една од темите за кои не се согласуваме, важна тема и важно е дека разговараме. Република Северна Македонија еднострано го призна така наречено Косово, разговаравме за членството во меѓународните заедници и како тоа може да влијае на нашите односи. Тука нема лесен одговор, но имаме искрена и директна комуникација – рече Брнабиќ.

Двајцата премиери се осврнаа и на трговската војна меѓу Косово и Србија откако Косово воведе царина од 100% за производите од Србија и БиХ. Заев јавно го осуди ова.

-Тоа е неприфатливо и надвор од она што претставува меѓународна економска соработка, спротивно на сите договори на ЦЕФТА, спротивно на соработката. Ние треба да ги олесниме трговиите, да им помогнеме на стопанството и граѓаните, а ова не е од корист. Ние го признавме Косово и стоиме принципиелно на нашите одлуки, но и овде стоиме принципиелно. Република Северна Македонија нема зголемен извоз кон Косово, и да има минимален е. Нашето производство е лимитирано, позначајна ни е регионалната соработка. Против сме воведување зголемени царински тарифи кон пријателска Србија и кон пријателска БиХ – рече Заев.

На прашање за одлуката на македонските судови кои го отфрлија барањето на Србија за екстрадиција на Томор Морина, Брнабиќ рече дека дека тоа е одлука на судовите и дека како таква не сака да ја коментира.

-Заев тука не може да влијае, и јас не би можела да влијаам да сум на негово место – рече Брнабиќ.

Поврзани новости