Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, денеска ја прими втората доза на вакцината Фајзер во Институтот Торлак и по тој повод ги повика сите граѓани да се пријават за вакцинација, јави допсиникот на МИА од Белград.
-Верувам во вакцината и во нашите институции. Ги повикувам граѓаните да го сторат истото, бидејќи заедно можеме да победиме, порача премиерката на својот Инстаграм профил.
Вакцината се дава во две дози, така што Брнабиќ го заврши процесот на имунизација.
Првата доза ја доби на 24 декември 2020 година, со што стана првиот европски премиер кој се вакцинира.
Утрово, во осум часот, во Србија започна да работи и кол центарот, каде што граѓаните можат да аплицираат за вакцинација против коронавирусот.
Од понеделник во тек е процесот на пријавување на граѓаните кои сакаат да се вакцинираат преку порталот е-управа, а 175 000 лица се регистрирале електронски до 8 часот утрово, изјавија од Канцеларијата за ИТ и е-управа.