За да се спречи нагло празнење на полиците поради паника од коронавирусот, откако тоа веќе се случи во некои продавници, супермаркетите во Велика Британија го ограничија купувањето на одредени артикли
Ограничена е продажбата на средства за дезинфекција на рацете, антибактериските марамчиња и тестенини, пишува „Бизнис инсајдер“, додавајќи дека постои ограничување и за набавката на неопходна храна и потрошен материјал.
Минатонеделното истражување на пазарот покажа дека секој 10-ти купувач во Велика Британија складира храна и други материјали, иако главниот научен советник Патрик Валанс рече дека нема причина за складирање храна за време на заразата.
Супермаркетите „Асда“, „Вејтроуз“ и „Теско“, како и аптеките „Бутс“, поставија ограничувања за набавка на средства за дезинфекција на рацете, при што повеќето ги ограничуваат на две по купувач, без оглед дали набавката се врши во продавница или преку интернет.
Најголемиот синџир супермаркети, „Теско“ набавката на оредени намирници ја ограничи на пет парчиња по купувач, а преку интернет ги распродаде залихите на италијанска сушена паста.
Интернет-продавницата „Окадо“ го ограничи купувањето тоалета хартија на две пакувања по лице.
Досега во Британија од коронавирус починаа четири лица, а заразени се 319.