Британската Амбасада во Скопје, со соопштение за странците кои што решиле да присуствуваат на концертот на светски познатата група ,,Продиџи,, на 14 август во Охрид, индиректно ја спореди Македонија со земјите во кои што царува уличниот криминал.
Таа ги предупреди обожавателите на бендот кои што планирале да одат на концерт со неколку совети за нивната безбедност, кои што предизвикаа благ шок во јавноста. -Внимавајте на пасошот и на личните предмети. Замената на пасош чини многу повеќе отколку што можете да замислите!
Не си одете дома сами. Држете се секогаш до вашите пријатели и осигурајте се дека некој секогаш знае каде сте! -Обезбедете си патничко осигурување! -Никогаш не си го оставајте пијалокот без надзор! – Се дел од советите кои што амбасадата им ги дава на своите државјани, а ги има истакнато и телефонските броеви на полицијата, итната помош и противпожарната служба. Луѓето изненадени од објавата на страницата на амбасадата коментираат дека сепак, Македонија не е Авганистан или некоја друга небезбедна земја и навредливо е да биде претставена во вакво светло. Посебно околу предупредувањето за пијалокот, веќе се прават шеги на сметка на амбасадата, бидејќи Македонија, сепак не е земја во која што се става бесплатна дрога во пијалоците на гостите.
Продиџи настапија во неделата во Охрид во организација на Авалон Продукција. Нивната опрема пристигна неколку дена пред тоа во шест големи шлепери и сцената се опреми според сите највисоки светски стандарди. Од продукцијата најавија дека бендот ќе донира за настраданите во поплавите. Целиот настан поминал во одлична атмосфера, и никој од присутните не се пожалил дека му ставиле дрога во пијалокот, и покрај предупредувањата на амбасадата.
Вики Клинчарова