Британија ќе гради центар за азил во Албанија

by Fokus

Имигрантите кои со мали бродови од Франција ќе се обидат да го минат каналот Ла манш ќе бидат сместувани во центар за азил во Албанија, според новиот договор, пишува британскиот весник „Сан”, пренесува Топ чанел.

Илегалните мигранти ќе летаат 1.500 километри до центарот за азил кој ќе биде изграден на море на Балканот, додека се разгледуваат нивните апликации.

Британската министерка за внатрешни работи Прити Пател се надева дека ова ќе ги одврати имигрантите кои планираат да го направат опасното преминување преку каналот.

Таа додава дека „владите треба да бидат способни да ја разгледаат секоја можност кога станува збор за барателите на азил”.

Според „Сан“, официјалните претставници во Лондон и Тирана потврдиле дека се блиску до постигнување договор за центарот.

-Шефот на кабинетот на премиерот Борис Џонсон, Ден Розенфилд, е клучен двигател на политиката, а дипломатите од Министерството за надворешни работи помагаат во тоа. Секретарката за внатрешни работи јасно стави до знаење дека сака ова да се случи. Преговорите, според неа, се во техничка фаза. Сега се прецизираат деталите, како што се точната локација и капацитетот, пишува „Сан”.

Се додава дека формирањето ваков центар во странство било дел од новиот предлог-закон за националност и граници.

 

Поврзани новости