Пендаровски за „То Вима“: Решението со Бугарија треба да е усогласено со Договорот за пријателство

by Fokus

За Договорот од Преспа, европската перспектива на нашата земја и односите со Бугарија, за соработката со Грција, но и за договорот со Турција, говори претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски во интервјуто за денешното издание на грчкиот весник „То Вима“, во пресрет на неговата посета на Грција на 5 и 6 октомври, јави дописничката на МИА од Атина.

Претседателот Пендаровски, за бугарското вето и ЕУ перспективата, коментира дека „за жал ситуацијата нѐ спречува да започнеме пристапни преговори“, иако земјата веќе ги има исполнето сите предуслови, а паралелно изразува надеж дека со новата Влада во Софија ќе продолжат разговорите, но и порачува дека решението треба да биде усогласено со Договорот за пријателство и соработка.

-Ќе продолжиме да дејствуваме конструктивно во разговорите со официјална Софија. Решението на приговорите на Бугарија треба да е усогласено со Договорот за пријателство и соработка на двете земји и да го почитува правото на самоопределување на нашата нација, како и националниот идентитет и македонскиот јазик. Се надеваме дека по бугарските избори ќе ги продолжиме разговорите со новоизбраниот претседател и со политичка Влада со целосна власт што ќе има мнозинство во Парламентот, истакнува претседателот.

Во интервјуто што е под наслов „Спроведувањето на Преспа е меѓународна и наша внатрешна обврска“, претседателот Пендаровски ја истакнува важност на Договорот за двете земји, вели дека „најважното е тоа што ги одреди идните односи“ и е пресвртница за подобрување на економската соработка, преземање иницијативи во повеќе области како што се безбедноста, одбраната, образованието, науката и културата.

-Договорот е одличен пример за решавање на билатералните проблеми меѓу две соседни земји. На Северна Македонија ѝ овозможи да стане 30-та членка на НАТО, реализирајќи еден од двата стратешки цели во евро- атлантската интеграција. Позитивно влијаеше врз нашата европска интеграција, со оглед на тоа што денес, Грција е еден од најсилните наши поддржувачи. Договорот од Преспа не беше лесен за двете земји. Но, важноста и неговото позитивно влијание повеќе ќе се покажат во следните години, истакнува Пендаровски.

Објаснува дека како претседател ја поддржува не само политичката одлука за усвојување на Договорот, туку и правилното и навремено спроведување, вели дека Комисијата за учебниците има направено напредок, а препораките треба да се спроведат и од двете страни.

Додава дека за придавката „македонски“, Договорот е јасен, а тој лично секогаш ги охрабрува „сите ентитети во земјата да ги почитуваат одредбите“ и посочува дека новото име веќе е вклучено во Уставот на земјата, па така „правилното спроведување, не е само меѓународна правна обврска, туку и дел од внатрешните правни обврски“.

-За Меморандумите што произлегуваат од Договорот од Преспа, а сè уште не се ратификувани во грчкиот Парламент, претседателот вели дека ратификацијата е од клучно значење за промоција на економската соработка.

 

Поврзани новости