За двата предуслови кои ги постави лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев се уште нема коментар од организаторите на лидерската средба што треба да се случи овој петок во Виена.
За сега, Европската комисија се огласи само со куса изјава во која вели дека „нема да коментира индивидуални барања на одделни политички партии”.
Во неа уште се повторува ставот на еврокомесарот Хан дека аболицијата не е во согласност со неговото разбирање на владеењето на правото, но и дека изборите во земјава мора да бидат кредибилни.
Претходно, Заев најави дека СДСМ нема да се врати на преговарачката маса се додека не се повлече одлуката за аболиција и не се одложат изборите закажани за 5-ти јуни.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски пак, денеска соопшти дека нема да свика седница на Собранието за да ја отповика одлуката за распишување избори на 5 јуни затоа што смета дека тоа би било грубо кршење на Уставот.
Од Кабинетот на претседателот Иванов засега не се достапни за коментар за условите кои ги постави Заев.