Брексит и македонските евроинтеграции

by fokus

Се приближува 23 јуни- денот кога граѓаните на Велика Британија ќе се изјаснат на референдумот за продолжување или излегување од членството во Европската Унија. Со оглед на тоа дека референдумот е на две недели од денес и со оглед на поделеноста на британските граѓани по однос на прашањето за ЕУ, македонската јавност треба да обрне внимание на импликациите кои би ги имал потенцијалниот Брексит врз евроинтеграциите на Република Македонија.

Драган АЛЧИНОВ

Британија отсекогаш беше нарекувана ,,the awkward partner”. Беше сметана за партнер на земјите од Унијата, но некако чуден. Горди на своето потекло од Островот, култура и историја, Британците имаат високо мислење за себе и својата нација. Постои една традиционална дистанцираност на Британија од ЕУ. Британците сметаат дека на Европската Унија и е дадена преголема власт и дека Брисел премногу се меша во работите од домашната политика на Велика Британија. Тие посакуваат ЕУ да остане само економска унија, без понатамошна политичка интеграција. Особено треба да се истакне дека Британија до ден-денес го нема прифатено еврото како национална валута, ниту пак некаде на територијата на Британија може да се користи еврото како платежно средство. Тие останаа верни на својата фунта. Исто така, Британците до ден-денес не се дел од Шенген зоната. Сево ова сведочи за децениската дистанцираност на Велика Британија од ЕУ.

Од каде се појави прашањето за референдум за Брексит?

Но, традиционалната дистанцираност од Унијата беше дополнително зајакната во изминативе неколку години кога сосема легално беше дозволен влез на стотици илјади имигранти од источно европските земји на територијата на Велика Британија. За тоа Британците ја обвинија регулативата на Унијата, која дозволува слободно движење на луѓе, капитал, стоки и услуги на територијата на земјите на Унијата. Исто така, свој удел во зголемувањето на евроскептицизмот имаше и кризата во еврозоната. Антагонизмот кон Унијата особено се зголеми во последната една година со напливот на бегалци и мигранти од земјите од Блискиот Исток.

Не може да се занемари и влијанието на десничарската партија UKIP (United Kingdom Independence Party) врз Конзервативната партија и врз премиерот Дејвид Камерон. Имено, UKIP забележа солиден пораст на својата поддршка меѓу десничарите, што пак влијаеше врз Камерон да зазеде поостри ставови кон ЕУ. Така, Камерон вети дека доколку ги добие парламентарните избори во 2015 ќе одржи референдум за членството во ЕУ. Но откога победи на изборите, започна да ретерира во своите ставови и вети договор за специјален статус на Британија во Унијата, кој на крајот успеа и да го постигне. Неговите критичари го осудија ваквото менување ставови, го карактеризираа постигнатиот договор како ,,договор од мало значење’’ и побараа да се исполни првичното ветување- да се одржи референдумот за излез на Британија од ЕУ.

Комбинацијата на традиционалната дистанцираност од Унијата, влошените односи внатре во Унијата, бегалската криза и политичките одлуки на Камерон доведоа до скорешното одржување на референдумот на кој ќе се одлучи за понатамошното членство на Велика Британија во Европската Унија. Испитувањата на јавното мислење покажуваат тесна трка меѓу двете кампањи- меѓу едната која се залага за излез од Унијата и онаа која се залага Британија да продолжи да биде дел од Унијата. Сево ова го прави Брексит сѐ пореален.

Какви последици ќе има потенцијалниот Брексит врз Унијата?

Со оглед на тесната трка меѓу оние кои се про-ЕУ и оние кои се контра-ЕУ, прашањето за импликациите на Брексит врз Унијата е сосема легитимно. Ќе почнеме со она што со сигурност го знаеме: Брексит ќе ја направи ЕУ помала и помалку влијателна во светските односи. Британија е силен играч во меѓународните односи, постојана членка на Советот за безбедноста на Обединетите нации и со тоа што нема да биде дел од ЕУ ќе ја намали улогата на Унијата во меѓународната политика. Сосема очекувано, европската економија ќе претрпи одредени негативни последици. Не треба да се занемари ниту фактот дека ЕУ ќе брои за 64 милиони жители помалку доколку Британија ја напушти Унијата.

Неспорно е дека излегувањето на Британија од Унијата ќе има свои негативни последици и по Британија, но и по Унијата. Но, од друга страна, реално е да се очекува забрзување на европската интеграција кога Британија веќе нема да биде членка на Унијата. Имено, треба да се има на ум дека токму Британија е најголемиот блокатор на понатамошната интеграција на европските земји. Кога Британија нема да биде членка на Унијата, земјите кои сакаат да продолжат во својата европска интеграција нема да го имаат како пречка британскиот евроскептицизам.

Но, Брексит може да има уште една многу тешка последица по Унијата- имено, Брексит може да создаде прецедент на кој би можеле да се повикуваат сите земји-членки на Унијата во моментите кога Унијата ќе треба донесе потешки одлуки кои би оделе на штета на одредена земја. Кога можела Британија да се отцепи од Унијата, зошто не би можела тоа да го направи секоја земја-членка? Ова е реална последица на Брексит доколку се има во предвид подемот на десничарските и популистички партии и движења низ Европа особено во последните месеци.

И така, Брексит ќе има свои позитивни и негативни последици по Унијата. Од една страна, во одреден степен ќе и наштети на економијата и позицијата во меѓународните односи, но, од друга страна, ќе им овозможи на останатите земји од Унијата да продолжат послободно да се движат во насока на понатамошно економско и политичко интегрирање. Но постои и опасноста од целосно дезинтегрирање на Унијата доколку продолжи тенденцијата на ,,свртување во десно’’ во европските земји, што во најлош случај може да значи колапс на Унијата.

Брексит и македонските евроинтеграции

Она што е за нас особено важно се импликациите на Брексит врз интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија. Дали Брексит ќе го забрза или забави процесот на евроинтеграција? Многу е сложено да се даде одговор на прашањето како излегувањето на Британија од ЕУ ќе влијае врз македонските евроинтеграции.

Како прво, пред да се впуштиме во анализа на импликациите на Брексит врз македонските евроинтеграции, мораме да разбереме дека членството на РМ во ЕУ зависи во најголема мера од нас самите, односно од нашите демократски капацитети. Исполнувањето на Договорот од Пржино е клучен елемент во изградбата на системот на кредибилни и силни институции кои можат понатаму да ја водат земјата кон европска иднина. Без исполнување на зацртаните реформи не можеме ни да сонуваме ни најмало исчекорување напред кон Европа. Решавањето на спорот со името со соседна Грција е исто така еден од проблемите кои не можеме да ги занемариме доколку сакаме да напредуваме во евроатлантските интеграции. Овие работи се наша ,,домашна задача’’, која како да не сакаме да ја исполниме.

Од друга страна, несомнено е дека излезот на Британија од ЕУ ќе има ефект врз сите земји од Западниот Балкан, па и врз Македонија. Со сигурност можеме да речеме дека Брексит ќе придонесе за намалување на атрактивноста на ЕУ во очите на земјите кои сѐ уште не се членки и ќе ја зголеми дозата на евроскептицизам. Да се изразам со зборовите на српскиот премиер Вучиќ: ,,Унијата ќе ја загуби својата магична моќ’’.

Брексит ќе го намали британското влијание во регионот. Претпоставувам дека Велика Британија ќе го загуби својот интерес за Балканот кога ќе биде во потрага по нови партнери (можеби тоа ќе бидат Индија, Кина или Бразил?). Исто така, Брексит ќе го намали и интересот за проширување на Унијата со тоа што ќе го пренасочи вниманието на лидерите на ЕУ кон преговорите за излез на Британија (за излезот од ЕУ ќе се преговара најмалку 2 години!).

Сепак, во крајна линија одлучувачко влијание за македонските евроинтеграции ќе има односот на другите земји-членки, односно сѐ ќе зависи од тоа како другите земји на ЕУ ќе го прифатат излегувањето на Британија од Унијата. Како што погоре веќе реков, постојат две можности. Едната можност е без Британија другите земји да доживеат забрзана интеграција, затоа што веќе ќе го немаат британското ,,Не’’ на патот за создавање на посилна и пообединета Европа. Другата можност, пак, е доколку Брексит ги стимулира десничарските амбиции на некои земји-членки на ЕУ, што ќе доведе до понатамошна дезинтеграција на Унијата. Во првиот случај- РМ може да се надева на побрзо вклучување во Унијата веднаш штом ќе смогне сили да ја надмине домашната политичка криза и изнајде взаемно прифатливо решение за спорот со Грција. Во вториот случај, проширувањето на Унијата ќе биде сосема невозможно- зашто распадот на Европа ќе биде многу извесен.

Сево ова ќе има влијание врз интеграцијата на РМ во Унијата. Она што ние треба да го направиме е брзо и квалитетно разрешување на политичката криза дома. Воспоставување на Влада со целосен легитимитет и кредибилитет ни е неопходно потребно. Само таква власт ќе може да придонесе за институционализација на системот и повторно враќање на евроатлантскиот курс. Понатаму, можеме да се надеваме дека разумот ќе преовладее кај Британците и дека тие ќе изберат да продолжат да бидат земја-членка на Унијата- што ќе даде нов импулс во создавањето на обединета Европа во која и Македонија ќе го најде и ќе го заслужи своето место.

Но, и доколку Британците одлучат да не бидат веќе дел од Унијата- ќе имаме основана надеж дека преостанатите земји ќе продолжат послободно и побрзо да се движат кон нивната заедничка европска иднина и дека ќе бидат отворени за понатамошни проширувања на европскиот елитен клуб, во кој ќе треба да докажеме дека и ние заслужуваме место.

Поврзани новости