Братството во Зрзе ја подготви зимницата: Се легализира марихуана, а се казнува за ајвар

by fokus

Братството од православниот манастир Зрзе, и оваа година традиционално си го подготви ајварот. Во време кога десетици граѓани добија казни за приготвување на зимница на отворено, пред своите згради, од братството велат дека за нив тоа е навистина неправедна политика, посебно спроведена во време кога се легализира марихуаната за медицински цели.

,,Секоја година братството само си подготвува зимница и таа традиција во Зрзе трае веќе дваесет години. Ние имаме своја градина и самите одгледуваме различен зеленчук, но пипер за ајварот од сортата капија, купуваме од прилепските села. Ајварот го правиме вообичаено, но наместо сончогледово масло ставаме маслиново. Секоја есен за нашите потреби подготвуваме стотина тегли ајвар. За нас, ајварот е повеќе од зимница и затоа непријатна е рестриктивната политика на казнување на граѓаните за подготвување ајвар пред своите згради и тоа во време кога за медицински цели се легализира марихуаната, а се казнува за ајвар“ – изјавија за ,,Фокус“, членови на братството, при тоа канејќи ја нашата екипа на дегустација на нивниот ајвар.
zrze2

Зрзе е православен манастир од 9 век, кој се наоѓа на 34 километри северо-западно од Прилеп, во Горна Пелагонија, на речиси 1.000 метри надморска височина. Во времето на Свети Климент Охридски, во втората половина на 9 век, зрзеската бигорна карпа ја населуваат монаси.
Во средината на 14 век, монахот Герман подигнува општежитие со црква која ја посветува на празникот на исихастите, Свето Преображение Христово.

Од 1998 година, со вжителувањето на монашката заедница, манастирот Зрзе се возобновува во општежителен машки манастир. На почетокот на 21 век, по третпат во својата историја, зрзескиот манастир станува епископско седиште на епископот Климент Хераклејски, секретар на САС на МПЦ-ОА.

Вики Клинчарова

Поврзани новости