Македонската музичка атракција Brass Brothers позната по динамичните настапи ја претстави најновата песна, насловена „I Wanted More“, создадена во соработка со македонската пејачка и кантавторка Мијата.
Како што велат од бендот, во оваа интересна музичка соработка, Brass Brothers и Мијата ги обединиле своите сили за да го претстават својот прв заеднички проект, „I Wanted More“.
-Ова ново музичко издание е моќна музичка симбиоза која ги спојува уникатните звуци на бендот со прекрасниот вокал на Мијата. Ни беше задоволство да соработуваме со Мијата. Нејзиниот уникатен вокален стил ни донесе поинаква перспектива и ја дополни енергијата која сакавме да ја пренесеме преку оваа музичка творба, велат од Brass Brothers.
Песната е најава за концертот на Мијата на 15-ти мај во Малата Сала на Филхармонија во рамките на Скопски Градски Фестивал, а исто така е дел од вториот албум на Brass Brothers, „We AreEnergy“.
Таа го задржува добро познатиот енергичен музички потпис на бендот, кој дополнет со денс ритамот повторно создава уникатна и интерактивна музичка приказна.
Музиката и аранжманот се дело на Горан Мицевски Кус, фронтмен и тромбонист во Brass Brothers, додека текстот е на Наташа Мијат Крстевска.
Видео записот е во режија на Сара Јазаџиска Бибовска, а директор на фотографија е Борис Ралев. „I Wanted More“ е веќе достапна за преслушување и купување на сите светски дигитални платформи и музички продавници.
Brass Brothers е македонски музички бенд формиран пред 11 години, составен од професионални и талентирани музичари: Горан Мицевски Кус (тромбон), Костадин Бетов (алт саксофон), Пере Мелов (труба), Илија Мицев (труба), Јован Мартиновски (Dj support) и Никола Митрев (труба).
Оваа група е препознатлива по своите експлозивни и динамични живи настапи, кои ја освојуваат публиката и ја прават незаменлив дел од перформансот. Brass Brothers донесе уникатна автентична енергија на македонската музичка сцена, пред сè поради специфичната комбинација од брасс секција и динамичен звук.
Вики Клинчарова