Обвинетата Клементина Левковска е слаба личност, ниска по раст и со околу 40 килограми, на нозете носела патики со гумен ѓон и со ваква конституција, таа не може да нанесе повреда што ќе предизвика ротација и прекин на ‘рбетниот мозок, изјави нејзиниот бранител Бојан Василески во случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот.
– Неспорно е дека истата презела дејствија против сега починатиот, но со оглед на нејзиниот физички капацитет, јасно е дека таа, без употреба на некакво опасно средство, не е во можност да го стори ова кривично дело, односно не била способна да го убие починатиот Денис Тот, дури и да го посакувала тоа, рече тој.
Според него, за да биде „исполнето битието на ова кривично дело“ треба силен и убедлив доказ, кој го сторил делото, но еднакво важно и на кој начин е тоа сторено.
– Ваквиот факт е од основна важност, односно непостоењето на силен доказ дека токму обвинетата Клементина ја нанела смртоносната повреда, ја ослободува од одговорност за кривичното дело кое ѝ се става на товар, рече тој.
Адвокатот Емил Гугутчески, исто така, се приклучи кон завршните зборови и побараа од Судот пресуда со која обвинетата ќе се ослободи од обвинение.