Браќата Усеини пуштени од притвор – понудиле гаранција од 850 илјади евра

by fokus

Советникот од ДУИ и бизнисмен, Нефи Усеини и неговиот брат, обвинети дека го нападнале нивниот сограѓанин Спирко Топаловски, вчера доцна попладне излегле од притвор и ќе се бранат од слобода. Информацијата за „Фокус“ ја потврди претседателот на Основниот суд Охрид, Васил Баткоски.

Иако на браќата Усеини им беше продолжен притворот за 30 дена и беше покренат обвинителен предлог, тие понудиле гаранција во недвижности во вредност од 850 илјади евра, односно по 425 илјади евра. Овој предлог за гаранција бил доставен до Јавното обвинителство кое одговорило позитивно и се согласило со понудената гаранција.  Вчера попладне заседавал Кривичниот совет при охридскиот суд кој на седница ја прифатил гаранцијата и браќата околу 17 часот попладне излегле на слобода.

Претходно тие нудеа гаранција од по 15 илјади евра, но не им беше прифатена. Сега двајцата ќе бидат на слобода и ќе ја чекаат правосилноста на пресуда како обвинети за нападот врз охриѓанецот, Топаловски. Судскиот процес ќе почне на 22 септември.

Според обвинителниот предлог, браќата го повикале Топаловски на средба во познат охридски хотел, но расправијата почнала уште во автомобилот со кој дошол Топаловски. Продолжиле на паркингот каде вербалната пресметка преминала во физичка.

-На еден од обвинетите од пантолоните му испаднал тврд предмет во облик на пиштол, кој потоа го зел вториот обвинет. Оштетениот со тупаници бил удиран во пределот на главата и телото пред влезот на хотелот и внатре, каде обвинетите во пределот на главата го удирале и со тврдиот предмет во облик на пиштол. По извршеното насилство со кое на оштетениот му биле нанесени телесни повреди, обвинетите го напуштиле местото на настанот, соопштија од ОЈО Охрид.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости