Браќата Лунески, од малото Кичево успешни во кариерата ги достигнаа големите светски бизниси

by Fokus

Младиот Филип Лунески од Кичево е именуван за директор за стратегија и процеси во познатата компанија AB InBev во Њујорк.

Тој со свои 35 години стана еден од најголемите професионалци во областа на маркетинг и категории менаџмент. Веста дека младиот Македонец ја продолжува кариерата како директор на Anheuser-Busch InBev SA/NV (AB InBev) деновиве се најде во многу светски медиуми.

Инаку, Лунески го започнал својот професионален ангажман во рамките на компанијата Кока – Кола во Србија, каде работел на најголемите кампањи и проекти. Во 2014 година преминал во ,,Молсон корс”, а паралелно го водел и тимот за трејд маркетинг во хорека каналот, каде постигнал значајни успеси.

Додека беше дел од европскиот тим на ,,Молсон корс”, тој беше одговорен за 11 земји. Неговата нова компанија AB InBev е една од најголемите глобални компании во секторот на роба за широка потрошувачка, и една од најголемите светски производители на пиво, во чиј склоп спаѓа познатиот бренд Budweiser. Седиштето на фирмата е во Белгија, а Филип ќе се придружел на канцеларијата за глобално управување на брендови, која се наоѓала во Њујорк.

Лунески е роден во Кичево и детството и раната младост ги поминал таму. Студирал и магистрирал во Солун, на Шефилд. По магистратурата, на негови 23 години бил ангажиран во компанијата ,,Кока –Кола,, во Белград, и неговата кариера започнала да се движи по угорна линија.

И неговиот постар брат Андреј (37), исто така успеал да изгради завидна кариера. И тој студирал на Шефилд, во Грција, а потоа останал да предава на државниот универзитет Аристотели. Во тој период, и неговото име се најде во повеќе медиуми, како Македонец кој предава во Солун. Потоа се преселил во Белград, бидејќи сопругата му е по потекло од таму, а и неговиот брат Филип во тој период живеел Белград.

Тој сега успешно раководи со позната софтверска компанија. За него пишуваа многу медиуми, и кога со група на свои студенти и колеги во Калифорнија освои награда за иновација. И покрај тоа што потекнуваат од мал град, со околу 30.000 жители, браќата Лунески со посветеност и многу труд денес имаат успешни кариери.

Нивната мајка, познатата авторка Милена Лунеска, вели дека е горда на успехот на своите синови и секогаш верувала во нив.

-Јас бев иницијаторот, тие да студираат надвор од земјава, со сопругот Никола верувавме во нив и им го овозможивме тоа. Како родители, добро ги познаваме нашите деца, многу често разговаравме со нив, им ги знаеме маните, но и добрите особини. Затоа несебично вложувавме во нив. Гордоста ми е уште поголема, бидејќи на патот кон успехот тие станаа и подобри личности и никогаш не го занемарија човечното во нив. Останаа успешни, современи, но и културно воспитани. Основата е од домот, семејството… Образованието те издигнува, те збогатува со знаење, а животот те учи како да опстанеш во светот. Од сето тоа, изборот за кои вредности се определуваш и се бориш, е личен. Самодовербата е најважна – тврди писателката и горда мајка.

Додава дека во животот имале многу откажувања, си скратиле многу нешта, со цел да вложат во иднината на синовите.

-Потребна е многу голема упорност, за да се успее. Моето семејство тоа го почувствува на своја кожа. Откажување од многу нешта и борба, со зацртана цел. Ништо не се добива на тацна, патот до успехот не беше лесен, што денес ме прави уште погорда на моите синови – ни изјави Лунеска.

Вики Клинчарова

Поврзани новости