Светиот синод на Бугарската православна црква ќе се консултира со останатите 14 православни цркви, меѓу кои и руската, српската и грчката, пред да донесе одлука за признавање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, објави МИА.
Од секретаријатот на БПЦ за бугарски „Дневник“ изјавиле дека предлогот најверојатно ќе биде разгледан на седницата закажана за 27 ноември, но оти не се очекува веднаш да биде донесена одлука. Причина за тоа е што ова прашање се смета за исклучително важно и ќе треба Светиот синод на БПЦ да спроведе консултации со 14-те православни цркви: Константинополската патријаршија, Грчката, Албанската, Полската, Кипарската, Романската, Српската, Грузиската, Руската црква, како и православните цркви на Америка, Чешка и Словачка, како и Ерусалимската, Александриската и Антохијската патријаршија. По консултациите со другите православни цркви, Светиот синод на БПЦ ќе одлучи за предлогот на Македонската православна црква, наведува софиски „Дневник“.
Синодот на МПЦ-ОА на 9 овој месец испрати писмо до БПЦ во кое се бара да воспостави „евхаристиско единство со возобновената Охридска Архиепископија во лицето на Македонската православна црква“.