Божиновски немал намера да бега бидејќи има две малолетни деца и треба да се грижи за болната сопруга, рече Алексиќ

by Fokus

Адвокатката Сања Алексиќ, на денешната јавна седница пред Апелациониот суд ја образложи жалбата по притворот кој му е определен на обвинетиот екс генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски.

Во своето обраќање таа рече дека Божиновски немал намера да бега од причина што е татко на две малолетни деца, едно на возраст од 1 година и 10 месеци, а другото на возраст од три години.

Од друга страна, тој, како што рече Алексиќ, треба да се грижи за болната сопруга на која и е дијагностицирано воспаление на жлездите како последица на стрес.

-Неговата сопруга е со лоша здравствена состојба, на нејзе и е потребен сопругот да се грижи за неа затоа што нејзините родители се во Кичево, а неговите во поодмината возраст – рече Алексиќ и достави медицинска документација пред судот.

Како аргумент против одредениот притвор Алексиќ рече дека одбраната немала увид во службената белешка од УБК, врз основа на која им е одреден притвор нему и на Миле Јанакиески. Таа додаде дека претседателот ги демантираше наводите дека се сретнал со посредник кој во нивно име побарал амнестија.

М.В.

Поврзани новости