Јанчев и Тимоние со рецепт за локална демократија:Треба да се знае кој става сол, кој бибер, кој запршка!

by Fokus

Денес во Кавадарци во ресторан ,,Моклиште” се одржа работилница насловена Рецепт за локална демократија.

Работилницата се организираше во рамките на проектот ,,Граѓанските организации во служба на локалната демократија” имплементиран од ,,Подружница на Асоцијација на агенции за локална Демократија ( АЛДА) – Скопје” и , Здружението на Финансиски работници на локалната самоуправа и јавните Претпријатија – ЗФР и Европското Движење.

На настанот пред присутните се обратија градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и амбасадорот на Франција во Македонија, Кристиан Тимоние, како и претставници од ,,Чекор кон Европа”, ,,АЛДА”, и ,,Ре ЛОАД”.

Цел на работилницата е да се воспостави повисоко ниво на комуникација помеѓу граѓанскиот сектор од една страна и општинската администрација, именуваните и избраните лица од друга страна во насока на постигање на повисок степен на отвореност на локалните институции кон заедницата, и зголемено учество на граѓаните во процесот на донесување на одлуки.
Со цел што поверодостојно да се пренесе идејата дека локалните институции треба да им бидат во служба на граѓаните, Тодор Ефремов, еден од организаторите на настанот, обезбедил готварски капи и престилки за говорниците, односно за градоначалникот и амбасадорот, како симболика дека тие му служат на народот.

-Господинот Митко Јанчев и Неговата Екселенција Кристиан Тимоние веднаш го прифатија предлогот да се појават пред присутните со готварските капи и престилки. Тоа и беше пораката на настанот, споделување на рецепт за локална демократија, односно отворена соработка помеѓу граѓаните и граѓанските здруженија и локалните институции и општинската администрација, со цел придобивки и подобар живот за сите – ни изјави Ефремов.

Покрај градоначалникот Јанчев, и амбасадорот Тимоние со присутните сподели искуства и добри практики од Франција за нивото на демократија во институциите на локално и национално ниво.

-Во рецептот не фали многу, го имаме, и треба да го практикуваме, а практикувањето значи да не се мешаме во сите работи, секој да си ја гледа својата работа. Ако треба да го поврземе ова со кујна или готвење на ручек, јас би кажал дека треба да се знае кој става сол, кој става бибер, кој запршка, за да не дојдеме до двојни работи. Задоволство ми е што денес имавме чест да покажеме еден рецепт за транспарентност и локална демократија – изјави Јанчев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости