Бошњаковски: Не сме ние тие што ќе кажеме на каков јазик зборуваат роднините на Егејците

by fokus

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, во појаснување на изјавата дадена од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, дека македонскиот јазик не се однесува на грчките Македонци, изјави денеска дека Владата нема да навлегува во самоопределбата на етничките заедници кои живеат во Грција.

На новинарско прашање на каков јазик зборуваат роднините на Егејците, Бошњаковски рече:

-Постои одредена категорија на население во Република Грција која не зборува на грчки јазик која говори на друг јазик. Но не сме ние тие што ќе детерминираме кој на каков јазик зборувал. Тоа ќе биде мешање во внатрешни работи на друга држава – изјави Бошњаковски.

Тој се повика на членот 7 од Договорот од Преспа и рече дека користењето на термините Македонија и Македонци има посебно значење за нас, а посебно значење за граѓаните на Грција.

-Ние тоа целосно  го почитуваме. Во Република Грција постојат етнички Грци кои зборуваат на грчки јазик и се сметаат за дел од хеленската цивилизација и се декларираат како Македонци. Тоа е тоа што Димитров го кажа и е јасно како бел ден. Член 7 укажува дека јас сум етнички Македонец со словенско потекло и зборувам македонски јазик. Во Грција постојат луѓе кои се декларираат како Македонци и зборуваат грчки јазик. Ние како Влада нема да навлегуваме во самоопределбата и личната персонална идентификација на етничките заедници. Се мисли на етничките Грци кои говорат грчки јазик, а се чувствуваат како Македонци – рече Бошњаковски.

Поврзани новости