Бошковски тврди дека не ја потпишал спорната набавка за софтвер на ЕЛЕМ

by fokus

Поранешниот генерален директор на ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, тврди дека неосновано е обвинет за злоупотреба на службената положба во случајот „Тарифа“ на Специјалното јавно обвинителство, за набавка на неуспешен софтвер вреден четири милиони евра. Според Бошковски во периодот на потпишување на јавната набавка, тој не бил генерален директор на државната компанија.

-Ниту јас ниту другите останати двајца колеги кои имаме добиено обвинение од СЈО, не сме учествувале во потпишување на јавната набавка за која сме осомничени – вели Бошковски.

На прашањето кој е одговорен за договорот, Бошковски не сакаше повеќе да каже.

– Во периодот на потпишање не сум бил генерален директор на ЕЛЕМ. Вие проценете кој каде бил и што бил – додаде тој.

Бошковски беше на чело на ЕЛЕМ од октомври 2012 година. Тој дојде на местото на Влатко Чинковски откако надзорниот одбор ја прифати неговата оставка. Набавката, според Бошковски, била потпишана пред да ја преземе функцијата.

Обвинението на СЈО, пак, го товари Бошковски и уште две лица, за злоупотреба на службената положба затоа што му овозможиле на конзорциум да се квалификува во втората фаза од тендерската постапка иако немал комплетна документација.

Софтверот, кој е предмет на обвинението и кој чинел четири милиони евра, се уште не е имплементиран.

Денеска СЈО го прошири обвинението со уште една истрага под кодното име „Тарифа 2“. Во оваа истрага е осомничен третообвинетиот Ненад Ѓорѓевиќ, затоа што одобрил исплата на средства во висина од 218.000 евра на чешка компанија од конзорциумот иако работата не била завршена.

 

Поврзани новости