Едвај чекам да почне повторената постапка за случајот „Кампања“, за да ја докажам својата невиност, ни изјави Љубе Бошкоски, по информацијата дека во Кривичниот суд од почеток ќе почне судењето за овој предмет, за кој Бошкоски веќе одлежа 5 години затвор.
-Ова е еден од најмонструозните предмети во поновата историја. Не зборувам така зошто мене ми судеа, туку поради начинот на самото водење на постапката. Одлежав пет години затвор за мои средства, а не од државата. Сега едвај чекам да ја докажам невиноста за која зборував уште на почетокот, изјави Бошкоски за „Фокус“.
Тој додава дека сите кои го следеле процесот знаеле под каква тортура се наоѓа.
-Бев малтретиран во „Шутка“, ме направија зависен од лекови и неспособен да го следам судењето. Експресно ме осудија, зошто требаше да бидам осуден по секоја цена, а веќе следниот ден судијката беше унапредена со место во Апелација, се присетува Бошкоски.
Од Кривичниот суд денеска соопштија дека Кривичниот совет постапувајќи по барање на одбраната на Бошкоски, го уважил барањето за повторно судење на предметот.
-Претходно, за барањето за повторно судење, а согласно и пресудата на Судот за човекови права во Стразбур, добиено е позитивно милење од надлежниот Јавен обвинител по што е уважено барањето, за кое странките не вложиле жалба пред Апелациониот суд и истото е веќе правосилно, соопштуваат од Судот.
Бошкоски беше уапсен веднаш по изборите, односно на 6 јуни 2011 година, пред ресторанот „Воденица“ во Скопје под сомнение за нелегално финансирање на изборната кампања.
Беше осуден на пет години затворска казна која ја одлежа во „Идризово“. За неговото апсење односно нечовечкото постапување на полицијата при неговото апсење, во Кривичен се води предметот „Тортура“, а меѓу обвинетите е и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
По доаѓањето на СДСМ на власт, Бошкоски стана посебен советник во Владата за странски инвестиции. Неодамна тој доби правосилна ослободителна пресуда и за случајот „Ровер“.
Валентина Вурмо