Бислимовски: Ние не сме богата земја, енергетските инвестиции треба да бидат помогнати од Владата

by Fokus 10:40
10:40

Силната афирмација на Република Северна Македонија за членство во Европската унија како и постојниот статус на страна на Договорот за Енергетска заедница претставуваат основа за правната рамка на енергетскиот сектор на земјата и нејзиното позиционирање во меѓународни рамки. Од друга страна, тие треба да претставуваат и можности за праведна транзиција која истовремено ќе води кон декарбонизација, креирање на нови работни места и унапредување на животната средин, беше заклучокот на он-лајн промоција на публикацијата „Правна рамка на електроенергетскиот сектор во Република Северна Македонија и нејзина меѓународна позиција” издадена од страна на група професори од УКИМ/ФЕИТ во соработка со Фондацијата „Фридрих Еберт” .

– Обврските кои ги преземавме бараа чекор по чекор да го намалуваме домашното производство на струја од Електраните, а повеќе да се фокусираме на обновливите извори на енергија. ЕСМ како што најави, планира до 2025 еден од блоковите да го замени со природен гас. Треба да бидеме искрени дека инвестициите во обновливите извори ќе си имаат соодветно влијание врз цените, но и врз ранливите потрошувачи, затоа ние како комисија предложивме олеснителни мерки посебно за овие категории до Министерството за економија и МТСП. Напоредно со овој процес треба да се инвестира во енергетска ефикасност, ние не сме богата земја, овие инвестиции треба да бидат помогнати од Владата, појасни Марко Бислимоски, директорот на Регулаторната комисија за енергетика.

- Advertisements -

Според него како земја во изминатиот период имаме многу инвестиции во обновливите енергија, кај фотоволтаични електрани, кои не користат субвенции од државата и тие ја продаваат струјата на слободниот пазар, но секако потребни се дополнителни олеснителни мерки за зголемено производство на електрична енергија од обновливи извори, како и итно обновување на преносниот систем-мрежата за да се зголемат странските инвестиции во оваа гранка.

Според доц. д-р Петар Крстевски најзначаен дел од легислативата на ЕУ е правната рамка за која ги дефинира мерките за поддршка на користењето на обновливите извори на енергија кое треба да биде дефинирано во националните програми како задолжителна цел за заштита на животната средина.

Авторите, професорите од Универзитетот Св. Кирил и Методиј при Факултет за електротехника и информациски технологии, проф. д-р Весна Борозан, вон, проф. д-р Александра Крколева Матеска и доц. д-р Петар Крстевски, во оваа публикација, ги објаснуваат во целост правните аспекти на енергетската транзиција на државава, има за цел да им послужи на тековните и идни дискусии, кои се водат на темата, од страна на сите засегнати страни, вклучувајќи ги владините институции, граѓанските организации, синдикати и академската заедница.

Публикацијата е резултат на взаемна волја и соработка помеѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Факултет за електротехника и информациски технологии, во Скопје (УКИМ/ФЕИТ), а поврзано со европскиот проект од програмата „Хоризонт 2020, фондацијата „Фридрих Еберт“, канцеларија Скопје и канцеларијата за Регионален дијалог Југоисточна Европа (Дијалог ЈИЕ) со седиште во Сараево.

Сите материјалисејавно достапни на веб страницата на ФЕС поточно публикација и компаративната анализа, како и на посебен дел за проектот CROSSBOW на веб страницата на УКИМ/ФЕИТ.

С.Т.

Поврзани новости