Британскиот премиер Борис Џонсон ќе има потреба од подолго лекување за да се заздрави од коронавирусот и подготвен да се врати на работа, изјави денеска неговиот татко, Стенли Џонсон, цитиран од американските медиуми.
Британскиот премиер (55) мина три ноќи на Одделот за интензивна нега во лондонската болница „Сент Томас“, откако во неделата му се влошија симптомите на болеста Ковид-19. Синоќа тој беше вратен од интензивна нега во болничка соба.
Неговиот татко за Би-Би-Си изјави дека на премиерот му е потребен одмор.
-Потребно е време, изјави тој и дополни дека не може да претстави како неговиот син ќе излезе од болница и „директно ќе отиде на Даунинг стрит да ги преземе уздите на власта без извесен период на приспособување”.
Докторот специјалист за интензивна нега, Данкан Инг, изјави дека е речиси невозможно да се каже колку време ќе му треба на Џонсон за целосно да се закрепне.
-Тој беше многу болен и ќе треба време, изјави Инг, пренесоа агенциите.