Борбата продолжува без „конструктивните“

by lali

По Роза Топузова – Каревска од ЛДП, која повлече нога, и Солза Грчева, и Љубица Буралиева од СДСМ одлучија да бидат дел од ова Собрание, да бидат дел од парламентарен состав, кој е, пак, резултат од нефер и недемократски избори. Нивните образложенија за таквата нивна постапка се без аргументи, со трагикомични обиди да го релативизираат предавството што ѝ го прават на борбата против режимот.

Слепилото нивно не им дозволува да видат дека нивната политичка кариера завршува со прифаќање таков мандат. Можете ли да ја замислите нивната борба во Собрание, барем така тие го нарекуваат нивното дејствување во него, покрај арогантните пратеници од власта? Тоа ќе биде смешно за гледање.

А, што ќе прават ако пастирот поради политичката криза им распише во рок од една година нови парламентарни избори?! Што да се каже за квалитетот на луѓето кои потпишаа оставка, еднаш пред нотар, еднаш во Собрание? Што да се каже за жени кои предавството го претставуваат како херојство и саможртва!

РОЗА, ЉУБИЦА И СОЛЗА

Затоа, почитувани читатели, Роза, Љубица и Солза нема да му нанесат голема штета на вонинституционалното дејствување на опозицијата, за кое неколкупати имам пишувано дека е неопходно. Поголем проблем за опозицијата би биле оние кои, по сѐ, ја заговараат институционалната борба однатре.

Оние кои и по 24 декември веруваат дека ДПМНЕ може да биде победено преку институционална борба. Оние кои беа сведоци на последните локални, парламентарни и претседателски избори, па би сакале да им дадат легитимитет.

Бошњаците имаат една поговорка која ми се чини дека најдобро ги опишува таквите, а таа гласи: „Од кукавице-човјека нит шехид, нит газија“! Шехид е човек кој го губи животот во борбата на вистинскиот пат, додека газија е човек кој се враќа жив од борбата на вистинскиот пат.

Јас на опозицијата (а богами и нам, на граѓаните) ѝ посакувам да опстои на вистинскиот пат, ѝ посакувам да ја изостри политичката ситуација толку многу за ДПМНЕ да биде притиснато и да прифати техничка влада. Така изострената ситуација ќе овозможи амбиент во кој ДПМНЕ нема да може сама да организира избори.

Кога велам сама, мислам заедно со нивната „конструктивна“, од пластелин конструирана „опозиција“ – како онаа во Собранието, претставувана од пратеникот на ГРОМ, плус трите нови „конструктивни“ пратенички, така и онаа надвор од Собранието, предводена од позитивците на Зиков. Нека не се секира опозицијата за предавството на трите пратенички и нека продолжи да чекори по единствениот вистински пат.

РЕЖИМОТ МОРА ДА ТРЕСНЕ ОД ЗЕМЈА

Опозицијата нека им ја отвори вратата за излез на сите оние, кои поради личен интерес, веруваат и изразуваат надеж во борбата низ институциите поклопени од авторитарната власт. Опозицијата нека им ја отвори вратата за влез на сите оние кои сакаат да одат по потешкиот, но и единствениот пат кој води кон посакуваната цел – ослободување на Македонија од фамилијата на власт.

Ова е ново, тешко искуство за опозицијата, но бегање од овој пат нема. Секое ретерирање скапо ќе ја чини и самата опозиција, но и нас заедно со неа. Секое ретерирање на опозицијата им го продолжува векот на траење на Груевски и фамилијата. Камо среќа да издржеа уште на ланските локални избори, па уште тогаш да излезеа сите стевчовци, рози, љубици – вака борбата против режимот изгуби цела година.

Не смееме уште една да изгубиме. Не смеат личните интереси да бидат пред партиските цели за слободна држава. Целата оваа приказна на режимот мора да тресне од земја и да се скрши за да ни биде подобро на сите. Тоа треснување е болно за целото општество, но сигурно е дека подобро е од тоа какви ќе бидат последиците ако ДПМНЕ без пречки да продолжи да го силува целото општество.

Затоа, опозицијата нека организира движење за демократска Македонија, нека направи мост кон невладиниот сектор, нека отвори врата за сите интелектуалци кои сакаат да бидат гласни. Нека продолжат по потешкиот пат, кој бара жртвување, откажување од полесен начин на живот, нека продолжат да ги делегитимираат институциите кои се во функција на одржување на власт на Груевски и фамилијата, само тоа е патот до демократска Македонија.

Поврзани новости