ТМ: Зврлевски е марионета во рацете на македонската мафија

by Фокус

Одлуката на јавниот обвинител Марко Зврлевски да не покрене истрага за случајот „Македонска банка” означува заокружување на состојба на зомби-држава во која постојат закони, процедури и знаење кои се во состојба на клиничка смрт, се вели во последниот извештај на Транспарентност – Македонија (ТМ).

„Неговото траги-комично објаснување за отфрлањето на тужбата ќе остане како камен-темелник за идните генерации кои ќе треба да научат да препознаваат кога институциите ја убиваат правната држава. Обвинителот, имено, одби да се занимава со својата работа и со мандатот на заштитник на државните интереси“, стои во месечниот извештај на ТМ.

Транспарентност потесетува дека неспроведување одлука на Уставен суд е кривично дело кое не застарува и дека секој друг закон или дејствие се спротивни  на таа Одлука на Уставниот суд, вклучувајќи го и решението на Народната банка за промена на сопственичката структура на „Македонска банка“, на која се  повикува Зврлевски.

ТМ го потсетува јавниот обвинител Зврлевски на одредбите од член 377 од Кривичниот законик, кој  пропишува дека „ќе се казни со затвор од една до пет години службено или одговорно лице кое ќе одбие да изврши одлука на Уставниот суд на РМ што е должно да ја изврши“, а во ставот (4) од овој член, пропишува дека „доколку со неспроведување на одлука на Уставниот суд на РМ се предизвикала потешка повреда на правата на други или значителна имотна штета, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години“.

„ТМ предупреди дека никој друг, освен Никола Груевски, можел да даде согласност за продажба на банката. Тој, како претседател на ДПМНЕ, ја имал и „општествената положба” која се спомнува во членот 359 од Казнениот законик што Зврлевски го злоупотребува користејќи го само делот со „службената положба”, кога објаснува дека Груевски не бил на функција за да може да ја  злоупотреби“, се вели во извештајот.

Транспарентност открива и повеќе правни дупки во одлуката на Зврлевски да не покрене постапка за случајот „Македонска банка“, за кои се вели:

1. Со оглед на тоа што била договорена исплата на 11 рати, рокот од 10 години истекува во декември годинава – ако веќе ја следиме логиката на Зврлевски за застарување на случајот. Значи, имаме дело во континуитет и паѓа во вода главниот столб на непрофесионалното образложение на Зврлевски – застарување.

2. Во однос на квалификацијата на Зврлевски дека аудио снимките претставуваат „нелегално прибавени докази”, некој може само да жали за кариерата на г. Зврлевски која заврши на 27 јули годинава, на денот на објавата на неговото антологиско образложение. Со флагрантно непочитување на државните интереси и на правдата, Зврлевски може да остане на таа функција и натаму, но јавноста има сериозни основи за сомневање дека тој ќе остане само марионета во рацете на мафијата која ја зароби Републиката.

Поврзани новости