Иако се приближува периодот за берба на винското грозје во Тиквешијата, лозарите и винариите сеуште немаат склучено конкретни договори за откуп. Помеѓу лозарите повторно владее стравот дека и годинава, како и многу години наназад, винариите нема да можат да го откупат целиот род, кој што годинава се проценува на нешто помалку од 200 милиони килограми, или пак ќе понудат ниски цени за грозјето.
Љупчо Аризанов, претседател на ,,Агротиквешија,, здружение на лозари, потврди дека лозарите и винариите сеуште преговараат, но сеуште нема конкретни детали за откупот, ниту пак за тоа по која цена ќе се откупуваат одредени сорти на грозје. Низ лозарските кругови веќе се прошири шпекулацијата дека годинава нема да се откупува бело винско грозје, со што неизвесноста кај лозаропроизводителите се повеќе расте.
И додека лозарите се преокупирани со своите грижи околу откупот, но и исплатата на грозјето, со која што речиси секоја година има проблем и пречекорување на роковите од одредени винарии, Општина Кавадарци најавува голем спектакл по повод празникот на градот ,,Тиквешки гроздобер 2016,, со голем број на музички ѕвезди од соседството. Настанот посветен на лозарите ќе се одржи од втори до четврти септември и најавено е учество на голем број на музичари од земјава. Како главни музички ѕвезди на манифестацијата ќе настапат ,,Рибља чорба,, и ,,Парни ваљак,,. Лани, главна ѕвезда на гроздоберот беше Оливер Драгојевиќ.
Вики Клинчарова