Даниел Дан Стојмановски со нова песна – Самите се потценуваме, а сакаме другите да не ценат

by Fokus

,,Да не си ја потценуваме нашата музика, и да им дадеме поддржка на македонските артисти,, – порачува поп пејачот Даниел Дан Стојмановски, кој што деновиве е актуелен со новиот заеднички сингл со Марга Сол, насловен ,,Sunshine,, а за кој што наскоро ќе се промовира и македонска верзија.

Тој додава дека во ова време, музичарите можат да ја почувствуваат кризата на свој грб, бидејќи кај нас речиси и не постои повеќе навика легално да се купува македонската музика и делата во кои што музичарите вложиле доста труд, време, но и финансии.

,,Си го сакам мојот народ, но мора да признаеме дека сме чудна сорта, секогаш своето го потценуваме, а очекуваме другите да не ценат и почитуваат. Тоа се работи кои што мора да се искоренат, ако сакаме да ни тргне напред, на било кое поле, не само во музиката. На секој поединец или група, кои што ќе се потрудат да направат нешто ново, веднаш им ги пронаоѓаме маните, забележувам дека и дури кога го изговараме зборот ,,Браво,, тоа како да е со половина уста кажано. Како тогаш сакаме другите да не фалат?,, – прашува пејачот.

,,Комплетен автор на оригиналната верзија на песната е Марга, а ремикс верзијата ја направи интернацинално популарниот диџеј Оливер Шулц – Project Blue Sun. Звукот е мешавина на хаус и соул со карактеристична поп мелодија. За истоимениот сингл наскоро е планирана и македонска верзија со цел збогатување на македонската музика. Би сакале воедно да ги потикнеме нашите слушатели односно македонската публика да ги поддржува артистите и легално да ја купуваат нивната музика. Нашиот сингл ќе може да го превземат и преку он-лајн продавницата на нашата продуцентска куќа М-Sol Records, а наскоро ќе биде достапен и низ светските он-лајн продавници,, – изјави Даниел.

Вики Клинчарова

Поврзани новости