Бонева се расправа со своја сограѓанка: Зошто не бараш сите пратеници што зеле патни трошоци да ги стрпаат во затвор?

by Fokus

Ако во повеќето случаеви беше недостапна за медиумите и одбиваше да им даде одговори на прашањата околу патните трошоци и делењето на високи бонуси во Државна Изборна Комисија, Силвана Бонева вчера се впуштила во електронска преписка со нејзина сограѓанка, а во расправата на социјалните мрежи, свесно или не, одговорила и на дел од прашањата за кои медиумските работници во повеќе наврати се обидуваа да добијат одговори.

Станува збор за Богданка, позната како Бо Барбов, жена која што важи за голем критичар на поранешната власт предводена од Никола Груевски, која во своите статуси секојдневно ги става под лупа постапките на политичарите, и на свој саркастичен и хумористичен начин ги коментира на социјалните мрежи.

Како што ни изјави, неготинчанката која со години живее во Струмица, најверојатно Бонева била исповоцирана од нејзиниот коментар, па затоа и се решила да и ги ,,појасни’’ нештата во приватни пораки.

-Во око ми влезе објавата на Бонева на Фејсбук, каде напишала – Народе македонски, со какви идеи си ти? Доста беше, разбуди се, свести се, не спиј ти, и под неа постирала патриотска песна. Не можев да одолеам, по сите случувања со патните трошоци и бонусите кои ги добивала Бонева, а да не ја споделам истата и да додадам – Спонтано со Бонето, фа..нг ДИК лејди. Набргу потоа стигна и нејзината реакција. Не ми се верува дека жена која е во политиката со години, така лесно може да се испровоцира и во пораки да им пишува и да се расправа со граѓаните. Затоа, изненадена од нејзината реакција, на мојот профил ја објавив целата преписка со една од најпознатите ДИК дами – раскажува Барбов.

-Зошто не напишеш со таква омраза, дека бараш првин неколку стотици пратеници од сите партии и мандати што досега земале патни трошоци повеќе од мене, да ги стрпат во затвор, па после да судиш за мене. Зошто не плукаш против Стево Пендаровски кој во ДИК земал 12 плати? Зошто не плукаш за повеќе од 1000 функционери кои досега земале апанажа, од Макрадули до сите други пратеници, министри, директори… Пред да фрлиш камен врз друг, помисли дека е грев пред Бог да плукаш по друг што цел живот работел законски, чесно, одговорно и со голема љубов за Татковината. Се приклучуваш на линчот кој го спроведуваа тие кои не сакаа да зборувам и да се борам за вистината, тие кои се обидоа со сите средства да ме замолкнат, кои само со нарачано девалвирање ве хранат вас, да ве заслепат од се што се случува наоколу. Дали ќе бидете голтач на лагите што со години ги шират и ви го трујат умот, самите одлучувате. Бог рекол – Не суди, да не ти биде судено! – и напишала Бонева на својата сограѓанка Барбов, по што таа и вратила:

-А ти, зошто во 11 години не ме праша, како некој избран од народот да се грижи за граѓаните, еднаш не ме праша, како сум, како живеам, дали можеш некако да ми помогнеш? Тоа беше твоја задача, да се грижиш за граѓаните, ти не ја изврши како што треба, и остави ме сега. Нема што да се расправаш со мене! И не, не ме убеди во ништо со твојата долга, празна порака. Силвана повторно не се воздржала, па и напишала на Барбов.

– Очигледно не си се обратила до мене, затоа што нема човек кој се јавил и пишал, а да не сум одговорила. Очигледно од други побуди е плукањето! – стои во преписката помеѓу двете жени.

Иако и двете живеат во Струмица, Барбов вели дека лично не се познаваат. –

Изненадена сум од оваа реакција на Бонева, и само ќе кажам во свој стил – Ако вие работевте за Македонија, ние досега ќе бевме Југославија! – порача таа.

За Богданка Бо Барбов, ,,Фокус’’ пишуваше уште пред околу две години. Како голем активист за работничките права, тогаш таа раскажуваше за неправдите со кои се соочуваат нашите работници на своите работни места, и како токму поради тоа била принудена да замине на работа во соседна Грција. Нејзината приказна за тоа како ги оставила детето и сопругот во Струмица со цел да обезбеди парче леб, и борбата за подобар живот, допре до многумина.

-Кај нас, куче да си, работичка класа да не си – потенцираше тогаш Барбов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости