Исповед на Mакедонка што работи во Грција: Морав да си го оставам сопственото дете!

by fokus

 „Од арно никој не бега од дома! Го оставив детето на Господ да го чува, и каде ми се очите – таму и главата. Не се ни свртев назад… Заминав во Грција. Кај нас, куче да си, работничка класа да не си“ – вака ја почнува својата приказна Богданка Барбов, мајка на малолетно дете, родум од Неготино, која петнаесеттина години живеела во Струмица со ќерката и сопругот.

Причина да си го остави семејството и да замине во Грција, нешто што се почесто се случува кај нас, – борбата за парче леб и подобар живот за своето дете. Повеќе од дваесет години работела во кујните на разни ресторани во земјава, но ниските примања, манипулациите од сопствениците и желбата за достоинствен живот за своето дете и семејство, ја натерале да побара работа во Грција. И вели дека таму, во земјата која што некои ја нарекуваат наш најлут непријател, таа конечно се почувствувала како човек. Редовни примања, испочитувано работно време, на крајот на месецот доволно пари за да може да му ги купи на детето патиките и ранецот кои што ги чекало со месеци во Македонија…

admin-ajax-1

,,Заглавени сме во еден  ,,брачен триаголник“, во кој владата и газдите си тераат ќеф, а ние го ,, јадеме“, стапот. Како работник немаш никакви права, а тоа што те третират како стока, тоа е веќе друга песна! Не е работата само да се донесе законот,треба и да се спроведе. Се донесе закон сите да се осигурани пензиски и здраствено -одлично! Ама јас сум жив сведок дека има фирми каде што ниту еден не е осигуран. Ниту еден! Во други фирми имаше по двајца-тројца осигурани, а на останатите ни кажуваа ако и случајно се појави инспекција, да бегаме од задната врата. Во еден ресторан каде што работев, една вечер се појави градски фраер кој се крие под сукњата на владејачката партија, со неколку негови пајташи. Се јадеше и пиеше, најубавото. Останаа до никое време,такви пијани станаа, си отидоа, не платија. Испија таман толку, за да со тие пари газдата може да плати осигурување за еден месец за тројца. Премолчен  договор помеѓу нив! Ти нам софра,  а ние тебе нема да ти пуштиме инспекција за неосигураните! Овие најадени, напиени, газдата мирен, работникот останал до 4 наутро да го среди нередот после нив, наместо да си оди на полноќ, како што е ред,  а плус му го ,,испиле“,  осигурувањето! За плаќање на прекувремена работа не станува ни збор! А си се договорил да работиш осум часа, како што е редот. Ма какви осум часа?! Најмалку 11 саати се работеше, значи плус  три часа секој ден. Проста математика да направиме… Седум дена по 3 часа  се 21. Неделно значи одработуваш плус три работни дена , значи неделно работиш десет работни дена! За слободен ден не ни размислувај! Викенд или празник –заборави! Можеш  да останеш дома ако евентуално скршиш рака или нога, ама во тој случај те заменуваат веднаш со ,,ново дете,“ и те забораваат дека постоиш“  – се присетува револтираната работничка на своите горки работни искуства во ресторани во земјава, каде што долги години нанзад била дел од персоналот во кујните. Вели дека како и тоа да не е доволно, па и од работоспособните пензионери кои што сакале и на стари години да допринесуваат за домашниот буџет, имала големи маки.

,,Друга страшна работа што се случува е тоа што вработуваат пензионери. Тие се нафаќаат да работат без осигурување, а платата е во стилот ,,дај што ќе дадеш“,. Стари се, па се вадат на тоа,  ај ти си помлада, ти тоа заврши го. Ако не можеш, седи си дома – би им порачала! И не само тоа, земаш пензија, а и го земаш и лебот на некоја млада мајка што на први септември ќе се чуди од каде да го обезбеди ,,бесплатното школување“,. Ова е само мал дел од неправилностите што се случуват во ,,јаките фирми“,. Сме работеле и по 20 часа, и тоа по неколку сврзани денови, под  притисок од нереализирани шефови и шефици со закана – „Да не си помислил да не дојдеш“! Ако и случајно се дрзнеш да негодуваш, другите ти викаат ќути, никаде не е поарно! Можам со денови да расправам за јадот и бедата на газдите, не на работникот.  Но,  добро, не е се толку тажно и жално. Има и нешто смешно во сето ова – платата, платата… Таа е толку многу смешна, што од кога ќе ја земеш првиот ден,  ја трошиш веднаш за сметки и за најосновни потреби, и уште два дена после тоа се смееш… Ете,во вакви услови народот работи. И молчи и трпи. Нека трпи. Немам намера да учествувам во сето тоа. Да имам два, три животи, па ајде едниот и да го поклонам некому. Да имам вишок нерви и коски и нив ќе ги оставам на располагање. Ама немам! Имам таман толку од сето да можам да изработам за мене. А не уште за тројца“ -вели Барбов.Таа додава дека и се смачило од своите работдавци да ја слуша реченицата ,,Молчи таму, од мене јадеш леб“.

,,Ете, затоа си отидов. И не само јас. Си оделе и пред мене и што е најтрагично за оваа држава, допрва ќе бега народот! Масовно! Ќе дојде ден кога ќе нема кој да работи. И мислам дека веќе доаѓа… Оти газдите, не може да ги биде без работниците. Сето ова се случува под  покровителство на владејачката ДПМНЕ. На крајот кајмакот тие го собират. Ама, во една таква атмосфера каде што едната страна е незадоволна, прекин на соработката е неминовен и едните ќе мора да си одат. Дали владата, дали народот… За тоа кој ќе си оди одлучува мнозинството,  т.е. ние народе! Ете тоа треба да го сфатите прво, а просто е како два плус два,  ма и уште попросто. И треба да се делува. Ете, затоа си отидов во Грција. Ако треба да се мајтапи со мене некој, нека се мајтапи –  ,,најлутиот непријател“, наш,  а не браќата и сестрите Македонци!  Ама еве, не се мајтапат со мене во Грција. До сега се тече според  договореното, немам никаква замерка. Како сме рекле, така одат работите. Се грижам за постара жена, имам свои права, работно време кое  се почитува, коректен однос кон мене, добра заработувачка. Душата ме боли поради разделбата со ќерка ми, која што е во чувствителни тинејџерски години, но таа знае дека ова го правам за неа! Го правам за сите нас, за да имаме достоинствен живот, оти со нашата плата од 200 евра, можеш да преживуваш, но не и да живееш. Не ме прашувајте како ми е, само јас си знам. Само мајка која што мора да се раздели од  детето може да ме сфати. Ме теши помислата дека еден ден ќе можам и ќерка ми да ја земам овде, со мене. Сигурно дека ќе има подобар живот отколку тој во нашата татковина,, – ја завршува својата приказна Богданка.

Таа е една од многуте Македонки кои во изминативе години заминаа во соседна Грција. Поголемиот дел од нив работат како негoвателки или помошнички кај пензионерки. Велат дека платата им е солидна, имаат обезбедено сместување и храна. Грчките пензионерки ги опишуваат како културни и принципиелни работодавци, и единствено жалат поради тоа што се принудени да бидат разделени од семејството. Некои од жените со кои разговаравме велат дека работат во Грција, со цел да им го платат студирањето на децата, а пак некои само за да испратат пари за храна и сметки на семејството. Некои работеле само за време на летната сезона, во хотели, други пак во тек на цела година, грижејќи се за пензионерки.
Вики Клинчарова

Поврзани новости