По паузата на судењето за Титаник, продолжува објавувањето на бомбите, кои како доказен материјал се предложени од СЈО.
Во моментот се слушаат телефонски разговори кои биле вршени еден ден пред локалните избори во 2013 година.
-Имаш 450.000 кои се на списоци и кои се 99% кои ќе гласаат за нас, му вели соговорник на Миле Јанакиески.
И во останатите разговори се зборува за гласачи кои се ставени на списоци, а еден од соговорниците на Јанакиески открива како се приморани да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ бидејќи на сите им кажале дека ќе им бидат запишани сериските броеви на гласачките ливчиња.
Се открива и начинот како ги “потсетувале” да гласаат оние кои до 9.00 часот не излегле, но и како партијата водела евиденција кој излегол на гласање а кој не.
-Имаме 10.000 членови кои ги поделивме по избирачки места и за секое избирачко место на број 66 имаме 66 телефони. До 9.00 часот ги оставаме сами да излезат на гласање а потоа им се јавуваме, и објаснува Јанакиески на соговорничка.
Екс министерот и појаснува и дека пред секое избирачко место имаат свои луѓе кои го имаат списокот на гласачи и забележуваат кој излегол да гласа а кој не. Членовите пак откако ќе гласале имале обврска да одат до месниот комитет и да се потпишат дека гласале.
,-Така знаеме кој гласал а кој не, заклучува Јанакиески, кој додава дека тоа е дупла контрола на гласачите.