Како нов регионален центар за справување со коронавирусот, министерот Венко Филипче на денешниот брифинг со новинарите ја посочи болницата во Битола. Таму вели во моментов има 35 кревети на располагање кои можат да се зголемат до 100, а обезбедени се и услови за интензивна нега со респираторни машини и медицински персонал.
Потенцираше и дека од вчера ставени на располагање се и капацитетите на болницата „8 Септември“ каде се обезбедени 400 болнички кревети за дијагностика и третман на заболени од Ковид 19.
Каде ќе бидат сместени заболените ќе се одлучува во координација со Клиниката за инфектологија.
Покрај тоа, Филипче вели во преговори се со лабораторијата на МАНУ за дијагностицирање на заболени од Ковид-19 и за користење на нивната апаратура.
Министерот уверува дека сите јавни здравствени установи во земјава имаат доволно заштитна опрема, која неделава ќе биде надополнета. Најави дека деновиве ќе се врши и набавка на респиратори, а главниот критериум ќе биде брзината на испорака.