Бојан Јовановски познат како Боки 13, кој е неправосилно осуден за случајот „Рекет“, денеска од затворот во Шутка беше донесен во скопското обвинителство каде поднесе кривични пријави на записник за злоупотреба на службена положба и овластување, изнуда, измама, давање на лажен исказ, можеби тортура и несовесно лекување.
Неговиот адвокат Сашо Дукоски не ги откри имињата на пријавените само рече дека се против лица од државните институции и за лица што се надвор од овие институции. Имало неколку десетици пријавени, функционери, политичари, државни службеници, но и на болнички менаџери и бизнисмени.
-Кривичните пријави ќе бидат поднесени најмалку за неколку кривични дела и тоа пред се за злоупотреба на службена положба и овластување, изнуда, измама, давање на лажен исказ, можеби тортура, несовесно лекување…, изјави Дукоски.
Појасни дека Обвинителството во рамки на своите надлежности мора да постапува по кривичната пријава затоа што се гони по службена должност. – Доставивме и доказен материјал и тоа ќе се анализира и веројатно ќе се обратат до одредени институции, можеби и до одредени обвинителства со цел дознавање одредени сознанија во врска со тоа што е во кривичните пријави, рече Дуковски.
Јовановски минатата недела за случајот „Рекет“ беше осуден на девет години затвор, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева доби казна затвор од седум години.